Зацврсти ги моите чекори во Твоите зборови
 
 
 
 
 

Зацврсти ги моите чекори во Твоите зборови (17.07.2013)

Пред секоја работа - домашна или службена, сеедно, не заборавајте дека вашата сила, вашата светлина, вашиот успех е Христос, и неговата жртва на Крстот; затоа без исклучок, пред започнувањето на секое дело, кажете: „Исусе, помогни ми! Исусе, просветли ме!“ На тој начин, во вашето срце ќе се одржува и уште повеќе ќе се разгорува живата вера и надежта во Христос, бидејќи Неговите сила и слава се вечни.

Кога одиш на гости кај некој роднина или пријател, сеедно, немој да тргнеш со намера убаво да се најадеш или напиеш, туку со него убаво да поразговараш, разговорот да биде воден со љубов и преку искреното пријателство да ја оживиш својата душа од секојдневието, и така да се утешите со заедничка вера. „Јас не го барам вашето, туку вас“, вели апостолот.

Во сѐ и секогаш угодувај Му на Господ и размислувај за спасението на својата душа од гревот и ѓаволот, и за нејзиното посвојување од Бога. Кога ќе станеш од постела, прекрсти се и речи: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“, и: „Господи, удостој ме денешниов ден да ми помине без гревови и научи ме да ја исполнувам Твојата волја“; кога ќе се миеш, речи: „Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег“; кога се облекуваш, размислувај за чистотата на своето срце и моли Му се на Господ истото да ти го подари: „Чисто срце соѕидај во мене, Господи“; ако си сошил нова облека, кога ќе се облекуваш во неа, насочи ги своите мисли кон обновување на духот и речи: „Вистински дух обнови во мене“; кога ја оставаш старата облека, повеќе не обрнувај внимание на неа, мисли на отфрлувањето на стариот, грешен, острастен, телесен човек, со уште поголем презир; ако јадеш мек и вкусен леб, размисли за вистинскиот леб (Христовите Тело и Крв), оној што им дава вечен живот на душите, и гладувај заради него, односно посакувај почесто да се причестуваш со него; ако пиеш вода, или чај, или сладок мед, или некој друг пијалак, размислувај на вистинското питие (животворната Крв на Спасителот), кое единствено може да ја изгасне жедта на душите измачени од топлината на страстите; ако одмораш во текот на денот, размисливај за вечниот одмор што им следува на оние кои тука се бореле со гревот, со духовите на злото, со неправдите или незнаењата и со човечката грубост; ако сакаш да спиеш, мислите нека ти бидат насочени кон смртта, која сите нас, порано или подоцна, без исклучок ќе нѐ стигне, и на онаа темна, вечна, ужасна ноќ во која ќе бидат фрлени сите гршници што не се покајале; сретнувајќи се со новиот ден, размислувај за невечерниот, вечен, пресветол ден во небесното Царство, во кој ќе се радуваат сите што Му угодиле на Бога, или од срце се покајале пред Него во овој привремен живот; кога одиш некаде, размислувај за правилното духовно одење пред Божјото лице, и речи: „Зацврсти ги моите чекори во Твоите зборови, и не дозволувај никакво беззаконие да завладее со мене“; кога правиш нешто, труди се тоа дело да го вршиш мислејќи на Бог Творецот, Кој создал сѐ со Својата бесконечна премудрост, добрина, моќ, и Кој и тебе те  создал според Својот образ и подобие; ако спечалиш пари или некакво богатство, или го поседуваш, размислувај за вечното богатство од кое потекнуваат сите добра на душата и телото, дека непресушниот извор на секое богатство е Бог, од срце вознесувај Му благодарност и не го чувај богатството за себе, па така да си го затвориш влезот на своето срце за скапоценото и секогаш живо богатство – Господ Бог, туку од својот имот давај им на оние што немаат, на своите сиромашни браќа, кои во овој живот и во таква состојба се оставени, за преку нив да можеш да ја докажеш љубовта и благодарноста кон Бога, и за тоа да бидеш удостоен со награди од Бога во вечноста; кога ќе го видиш сјајот на среброто, немој да се опрелестуваш со него, туку знај дека твојата душа е должна да се обели и да свети во Христовите добродетели; ако, пак, твоите очи здогледаат сјај од злато, спомни си дека твојата душа треба да биде како него, исчистена преку огнот, и дека Самиот Господ сака да те просветли како сонце во вечното, со светлина исполнето Царство на Својот Отец, и дека таму ќе ги видиш незлезното Сонце на правдата – Бог во три Личности, Пресветата Владичица Богородица и сите небесни сили, светите угодници, исполнети со неискажливата Светлина.

 

Свети Јован Кронштатски