За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (18.07.2013)

Сакајќи да не бидеме невнимателни во молитвата, блажениот Павле вели: „Молете се постојано“, укажувајќи и на нерасејаноста на умот: „И не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да знаете, која е добрата, угодна и совршена Божја волја“ (Рим. 12, 2). Поради нашата маловерност и немоќ, Бог ни дал разни заповеди, за секој, според мерата на својот стремеж, да ги избегне маките и да добие спасение. Така и апостолот нѐ поучува на совршената Божја волја, сакајќи воопшто да не бидеме судени. Знаејќи дека молитвата помага во исполнувањето на сите заповеди, тој не престанува, многу и на различни начини, да нѐ поттикнува на неа, велејќи: „Со секаква молитва и прозба молете се со духот во секое време и бдејте со истрајност (Еф. 6, 18).

Молитвата може да биде различна: едно е молењето без помисли и чист ум, а друго е да се биде присутен со телото додека умот фантазира; едно е да се определи време и по завршувањето на светските разговори и обврски да се застане на молитва, а друго е во најголема можна мера да се остават сите светски грижи, според зборовите на апостолот: „Господ е близу. Не грижете се за ништо, туку секогаш преку молитвата со благодарност кажувајте Му ги на Бога своите потреби“ (Фил. 4, 6). И блажениот Петар велел: „Значи, бидете целомудрени и трезвени во молитвите... Сите свои грижи предадете Му ги Нему, затоа што Тој се грижи за вас (1 Пет. 4, 7; 5, 7). Знаејќи дека сѐ се добива преку молитвата, Самиот Господ прв рекол: „Не грижете се, велејќи: што ќе јадеме, или што ќе пиеме, или во што ќе се облечеме?... Но барајте го најнапред Божјото Царство и Неговата правда, а сѐ останато ќе ви се даде (Мат. 6, 30; 33). Најверојатно со тоа Господ ни укажува на поголема вера: кој, оставајќи секаква грижа за привременото, нема да поверува во Бога и во вечното богатство? Откривајќи ни го тоа, Господ рекол: „Верниот во малку и во многу е верен“ (Лука 16, 10).

Да се трудиме, и со надеж и молитва да се оддалечиме од секоја светска грижа. Доколку, пак, не сме во состојба тоа целосно да го исполниме, да ги исповедаме пред Бога своите недостатоци, никако не оставајќи ја молитвата. Затоа што, подобро е да бидеме искарани поради честото неисполнување, отколку за целосното напуштање (на молитвата). За сѐ што рековме за молитвата потребна ни е помош од Бога за да добиеме расудување со помош на кое ќе знаеме како да се молиме. Затоа што, секој што се занимава со омилената дејност, мисли дека достојно служи, не знаејќи дека ние сите свои дела треба да ги наосчиме кон богоугодувањето, а не кон самоугодувањето. Уште е потешко да се сфати дека тие неопходни и неизбежни заповеди не се секогаш исти, туку една од нив во свое време треба да ѝ претходи на друга; бидејќи, секоја служба се извршува само во своето време, додека молитвата треба да биде постојана. Поради тоа, ние треба да ги отфрлиме оние работи кои не се неопходни. Учејќи ги верните на таа разлика и сакајќи да ги привлечат кон достојното служење, сите апостоли велеле: „Не е добро ние да го оставиме Божјото слово и да се грижиме околку трпезите. Затоа, изберете меѓу вас седуммнина чесни луѓе, исполнети со Свет Дух и мудрост, што ќе ги поставиме на таа служба; а ние постојано ќе се молиме и ќе бидеме во служба на словото. И овој предлог му се допадна на народот“ (Дела 6, 2-5). Што можеме да научиме од ова? За оние што не можат постојано да се молат, добро е да служат, за да не бидат лишени и од едното и од другото, а оние што се трудат во подоброто, не треба да го занемаруваат главното.

Значи, да го започнеме делото на молитвата, па напредувајќи постепено ќе сфатиме дека од неа доаѓа не само надежта во Бога, туку и силната вера и нелицемерната љубов, и незлопамтивоста, и љубовта кон браќата, и воздржувањето, трпението, внатрешното познание, избавувањето од искушенијата и благодатните дарови, и срдечното исповедање, и солзите. И уште, трпението во неволјите, и чистата љубов кон ближните, како и познание на духовниот закон и Божјата правда, и слегувањето на Светиот Дух, и дарот на духовните богатства, и сѐ што Бог им вети на верните, овде и во идното Царство. Со еден збор, Божјиот образ во себе чевекот не може да го обнови без Божјата благодат и верата, без нерасеаната молитва и големото смирение.

Свети Марко Подвижник