Краток избор од светите Отци за она што е најнеопходно (19.07.2013)
Кога по Божјо допуштање на тебе ќе наиде сиромаштија, глад, болест, или некое друго искушение за твоето тело, дури и пролевање крв заради Бога, сето тоа претрпи го во Негова слава, во надеж на Неговата милост, за смело и без срам да можеш да кажеш: „минав низ оган и вода, и добив мир“. Човеку, ако сакаш да ја знаеш Божјата волја за некои ситуации, ќе ти кажам, кратко: во секој подвиг, според сопствените сили, моли Му се на Бога – тоа е Неговата волја; затоа што и малото сеќавање на Бога вреди повеќе од големото дело во отсуство на Господ. А попуштањето (малку по малку) на себе, тоа не е од Бога, туку од ѓаволот. Ако сме слаби и немаме сили за подвиг, сепак треба да се смириме, да бидеме благодарни и да се молиме со Исусовата молитва; ако сме здрави, треба да се поттикнуваме на подвиг до изнемоштеност; така, со текот на времето, нашето срце ќе стане силно и ќе се научи на трпение и на добродетелите, инаку невозможно е да се спаси. Ако некој не живее како што доликува на одреденото место, самиот треба да замине оттаму. Треба да се потсетиме на полезните и познати зборови: „Кроткото и мило теле цица од две мајки“; горделивиот, пак, се гневи. Препирката е неумесна дури и кога станува збор за добро дело. Ако ти недостига умилението во душата, знај дека си горделив, или си гневен на некого, или многу јадеш, пиеш, спиеш, или си расеан, или загрижен. Ако се прејадуваш, речи си: човеку, ќе бидеш лишен од небесната храна и од секоја наслада и убавина, а храната од која сега се прејадуваш ќе те претвори во црви. Служителу на Божјите служби, расудувај и внимавај на себе затоа што извршуваш големо дело – со ангелите стоиш на свето место, каде сѐ е исполнето со страв и треперење. О, свештенику, бегај од брзањето со кое му се угодува на човекот. Нема умиление ако брзаш. А без солзи, не треба да се служи. Ако сакаш нешто да научиш, биди вреден и ќе научиш. Има многу богослови и оние што правеле значајни дела, само затоа што преку бдеењето живееле во умиление; бидејќи бдеењето и умилението, со кои го замениле ракоделието, им давале расудување и така ја оддалечувале вознемиреноста. Богословието му е туѓо на оној што е зафатен со разговорите. Човеку, потруди се секојдневно со покајание да ги разурнуваш гревовите и со солзи да го миеш своето лице. Ако смртта дојде во денот кога си пролевал солзи, ќе бидеш спасен од вечните маки – тоа е вистинско покајание. На сличен начин биле спасени и: рабојникот кој со своите солзи ја натопил својата марама, и монахот кој паѓал во блуд, но секојдневно се каел пред Христовата икона, и митникот кој се удирал во градите и со солзи велел: „Господи, биди милослив кон мене грешниот“, и блудницата која со солзи ги натопила Христовите нозе, и Манасиј кој се исчистил со солзите на покајанието. Исто така, ако го нема големиот напор со кој се смирува пред гревовната желба, или радосното умиление, или сеќавањето на идниот оган и давањето секому според делата – човекот нема да заплаче. Поради овие четири добродетели Светиот Дух не го напушта човекот, туку секогаш живее во него. Ако, пак, предолго живее во мрзливост, или паднал во голем грев, или е невнимателен кон страста од која е обземен – Светиот Дух го напушта таквиот. Почеток на послушанието е целосното одрекување од сопствената волја и презирот на сопственото тело. Не е лесен подвигот да се покори својата волја и својата природа, но без отфрлањето на сопствената волја, никој не може да се спаси, колку усрдно и да се подвизува, затоа што нашата волја и нашата природа се како ѕид помеѓу нас и Господ. Не можеме да Му се приближиме на Бога доколку не ги оставиме својата природа и волја. Ако побараме нешто своеволно и не го добиеме, следниот пат, тоа уште потешко ќе се оствари. Преку навиката расте секое дело, и доброто и лошото, и преку неа тоа добива сила – треба да го знаеш тоа. Ако сакаш да знаеш какви се нечии навики и дела, слушни што зборува неговата уста: бидејќи устата открива нешто што претходно било во срцето.
Преподобен Паисиј Величковски