Што е умна молитва, зошто така се нарекува, и како се добива?
 
 
 
 
 

Што е умна молитва, зошто така се нарекува, и како се добива? (20.07.2013)

Молитвата, иако според својата природа е една, како што знаеме, има разни начини и видови. На таа добродетел над добродетелите ѝ се даваат разни имиња, кои всушност имаат една и иста слисла, а зборот „молитва“ е само еден општ поим.

 

Во зависност од целта и од тоа како се извршува, таа може да биде: молење, обраќање, дури и коленичење, ако на тоа нѐ наведува неодложната потреба. Молитвата во оваа наша денешна состојба на прогонство, не само што е задолжителна, туку и неопходна, во што нѐ уверува и Самиот Господ, велејки: „без Мене не можете ништо да направите“ (Јован 15, 5). А, со помош на неа, ние можеме да Му бидеме соучесници на Господ во нашето сопствено спасение, следејќи ги евангелските зборови: „Молете, и ќе ви се даде; барајте, и ќе најдете; тропајте, и ќе ви се отвори“ (Матеј 7, 7).

 

На правилна молитва нѐ учат светите Отци, кои и самите ја практикувале и биле удостоени да се здобијат со нејзините дарови и милост. Секое обраќање и вознесување на умот кон Бога е молитва. Колку таа е поспокојна и помирна, толку поголем плод донесува.

 

Најраспространет начин на молитва кај христијаните е псалмопеењето во црквите според посебните богослужбени книги, а вториот начин е насамо или со двајца-тројца други луѓе, користејќи ги молитвите на разни свети Отци или Давидовите псалми.

 

Уште еден начин, многу распространет, е молитвата во целосна осаменост, со внимание и сосредоточеност, кога човекот што се моли покајнички ги исповеда своите гревови и со упорно молење Му се обраќа на човекољубивиот Господ, Тој да снисходи кон него.

 

Постои уште еден начин на молитва, кога човекот се моли внатре во себе, на што нѐ учеа и го практикуваа нашите Отци. Односно, за умот да може да се воздржи од лутањата, треба да биде симнат во срцето, истовремено изговарајќи ја молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“.

 

За тоа дека спасението е невозможно без верата и молењето со спасоносното име на нашиот Господ Исус Христос, Божјиот Син, прв ни зборува апостолот Павле. Со гореспомнатата молитва се молиме за Божја помош и Му се предаваме на Христос; како Петар исповедаме дека Господ е Божји Син. Во таа молитва соприсуствува Божјиот Син, бидејќи „никој не може да Го нарече Исус Господ, освен преку Светиот Дух“ (1 Кор. 12, 3). Но молењето е тешко затоа што нашиот ум е заробен од многу бесмислени навики, кои не отстапуваат толку лесно, па затоа се потребни упорност и напор, како што на тоа повикува апостолот Павле: „Молете се постојано“.

 

На патот до постојаноста и истрајноста нашата молитва наидува на разни пречки, и тоа многу пати. Тие се појавуваат или од природниот замор, по навика, или поради делувањето на ѓаволот. Не треба да се обрнува внимание на нив, затоа што нашата цел е Христос, нашиот Живот.

 

Кога некој ќе почне упорно да го изговара Господовото име: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“, чувствува дека го болат рамењата и главата. Тоа се објасува со зависта на ѓаволот, кој има за цел да го оневозможи нашиот обид да се молиме. Но ние имаме заповед: „молете се непрестајно“ (1 Сол. 5, 17) и знаеме дека „Господовите заповеди не се тешки“ (1 Јован 5, 3); дека „без Мене не можете ништо да направите“ (Јован 15, 5) и „повикај Ме во неволја и ќе те спасам“ (Пс. 49, 15).

 

Нашите опитни Отци нѐ учат дека некогаш е потребно да се изговараат сите зборови од молитвата, а друг пат, ова посебно важи за почетниците, поради немоќта на нашиот ум да се сконцентрира на сите зборови, треба да се изговара: „Исусе, Сине Божји, помилуј ме“. Не треба често да се менуваат зборовите во молитвата и еднаш да се изговара едно, другпат друго. Со оваа молитва треба да се молиме, некогаш на глас, некогаш тивко, некогаш со шепкање, за умот да може полесно да се воздржи од метежот на на надворешниот свет, а понекогаш и во мислите. Сите начини се неопходни и полезни.

 

Силната желба да се добие оваа молитва го привлекува дејството на благодатта, која ѝ помага на молитвата, постепено умот сѐ полесно ја задржува, добива благодатана утеха, реално ја чувствува Божјата помош, и така станува силен и продолжува.

 

Вкусувајќи ја Божјата утеха, благодарејќи на својата упорност, умот веќе самиот ја задржува молитвата, имајќи внатрешно расположение за неа. Шепотот веќе не е потребен, а умот се моли со помалку труд отколку порано, затоа што благодарение на благодатта тој се спасил од измамите.

 

Ако и понатаму живее во молитвата, тогаш Бог го просветлува, тој ги контролира мислите и ги отфрла бесмислените претстави, кои беа неодолив дел од стариот човек. Тогаш благодата му го открива Божјото Царство, кое се наоѓа „внатре во нас“ (Лука 17, 21), како што рекол Господ. Таквата молитва, ако ја практикуваме, се нарекува умна.

 

Ако човекот упорно, непрекинато и без жалење продолжи да ја практикува молитвата, тогаш Божјата благодат постојано ќе живее во умот и срцето на таквиот подвижник. Тогаш веќе нема да бидат потребни никакви напори и молитвата ќе тече непрекинато, самата од себе, дури и при спиењето, а подвижникот никогаш нема да престане да се моли со неискажливи воздишки, молејќи Го Бога, не само за себе, туку и за сите неволји и намачените, и воопшто, за сите луѓе. Таа без напор ќе стане соучесник на сеопштата болка, ќе „плаче со оние што плачат и ќе се радува со оние што се радуваат“ (Рим. 12, 15).

 

Молитвата може да се изговара на секое место, во секое време и во сите околности, како во присуство на други, така и насамо. Таа не им е забранета на мирјаните, како што некои тврдат, иако повеќе ја практикуваат монасите. Секој, каде и да е, може во мислите да го изговара Христовото име. Љубени, ве молам, обидете се сами, и набрзо ќе ги почувствувате плодовите од таа активност. Името на нашиот Господ не е само збор, Неговото име е сила, енергија, воскресение и живот.

 

Оној што решил, благодарение на благодатта, да живее со оваа активност, нека не паѓа во малодушност, нека не се сомнева и неговата награда ќе биде голема, и тоа не само на небото, туку и овде на земјата ќе почувствува полза. Незамисливо е да нѐ презре Господ, Кој „умрел поради нас, уште додека сме биле грешници“ (Рим. 5, 8), кога упорно Го молиме, и да не ни го подари она што ни го ветил. Молитвата, како наша неопходна обврска, нека биде постојано со нас, немоќните, и тогаш, според Писмото, ќе добиеме „неспоредливо повеќе“ (Ефес. 3, 20).

 

Старец Јосиф Ватопедски