За Црквата на земјата и идното Царство (21.07.2013)
Откако слезе врз Христовите ученици, како што беше ветено, Светиот Дух ги зацврсти во верата и преку Својата благодат ги изли врз нив Божјите дарови. Тој ги направи силни поради проповедањето и практикувањето на Христовото учење и поради организирање на Црквата која Христос ја создаде, а Светиот Дух ја направи дејствителна.
Со црквата, чии темели се наоѓаат на земјата, а Божјиот Син што седи од десната страна на Отецот ѝ е главата, тајно управува Светиот Дух. Таа во себе ги обединува своите деца и ги соединува со Бога. Благодатните Божји дарови, преку Црквата, се излеваат врз оние што се трудат да одат по Христовиот пат, осветувајќи и јакнејќи го сето добро во нив, чистејќи ги од гревовите и секоја нечистотија, правејќи ги да бидат достојни живеалишта на сјајот на славата и Божјите сили.
Преку Црквата човештвото станува причесник на Божјата природа, односно стапува во најблизок однос со Пресвета Троица.
Преку причестувањето со Христовите Тело и Крв се осветува и општи со Бога, не само душата, туку и човечкото тело, а преку тоа и се соединува со Пресвета Троица. Преку Божјата благодат, а со учество на сопствената волја и напор, човекот станува ново создание, соучесник во Божјото Царство.
За доаѓањето на тоа Божјо Царство се подготвува и природата, поради очистувањето на последиците од човечките гревови и проклетството врз неа, со посредство на претстојниот оган. Таа добива предвестување за очистување со слегувањето на Светиот Дух врз неа, преку богојавленското осветување на водата и многуте останати црковни служби, за потоа да стане нова земја и ново небо.
Тоа ќе се случи кога ќе дојде времето што Бог Отецот го одредил и Божјиот Син ќе дојде во слава за да му суди на светот.
Тогаш, оние што Го љубеле Бога и се соединиле со Него ќе заблескаат од зракот на Божјата Светлина, и вечно ќе се насладуваат со несоздадената Светлина на Триипостасното Божество, едносуштната, живототворна и неразделна Троица.
Свети Јован Шангајски и Сан-Франциски