Целта е да се достигне обожението
 
 
 
 
 

Целта е да се достигне обожението (24.07.2013)

Целта на монасите и мирјаните, воопшто, е да се достигне обожението. Како резултат на западните влијанија луѓето мислат дека задачата на христијанинот е да стане подобар, почист. Бог сака луѓето да бидат свети. Црквата ни дава сѐ што ни е непоходно: Светата Причест, Покајанието, Крштението и другите Свети Тајни. Со нивна помош ние сме повикани и можеме да станеме свети, а не само подобри. Според зборовите на св. Симеон Нов Богослов, Божјата благодат ја менува природата на човекот. Ние не можеме да се надеваме дека ќе се сретнеме со Господ во идниот живот, ако не Го сретнеме овде. Целта на нашето постоење е да имаме живо општење со Бога, да ги почувствуваме Неговата реалност и близина. Да се потсетиме на едно од Блаженствата: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога“. Но, после смртта ние не можеме да го исчистиме своето срце, а тоа значи дека целта на нашиот живот е тука да се очистиме и осветиме заради Бога. Ако не Го видиме, сега, никогаш нема да Го видиме. Се разбира, монасите имаат повеќе услови за непрестајната молитва. Семејниот човек неизбежно е натоварен со семејните грижи и проблеми. Но, иако капацитетот е помал, тоа не значи дека воопшто го нема! Молитвата „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“ треба да биде дел од животот на секој христијанин, кој се подвизува во светот. Бидејќи, „не постои друго име под небото, преку кое ќе можеме да се спасиме“, освен името на нашиот Господ и Спасител. Затоа е потребна Исусовата молитва. Таа подеднакво им е потребна, како на монасите, така и на мирјаните. Едноставно, монасите се повикани на постојано практикување на молитвата (во крајна мера, така треба да биде); мирјаните ја немаат таа можност. Но, ако семејните луѓе го носат својот крст без роптање и со љубов, во очите на Господ, нивните грижи и добри дела поради ближните, ќе им бидат вкалкулирани како молитвен подвиг и духовна жртва. Јеромонах Григириј Светогорец