Исихастичкото Предание (25.07.2013)
Исихастичкото Предание е суштината на Православната Црква и основата на животот на православниот христијанин.
Да се потсетиме на житието на св. Григориј Палама: „Во Веријската пустина тој стана близок со еден едноставен Старец, безмолвникот Јов. Еднаш, слушајќи го св. Григориј, кој ја истакна мислата дека, не само подвижниците, туку и сите христијани треба да се молат постојано, тој не согласувајќи се со него тврдеше дека непрестајната молитва е должност само на монасите, не и на мирјаните. Св. Григориј Палама, не сакајќи да го навреди Старецот, а воедно избегнувајќи го многусловието, премолчи. Но штом Јов се врати во својата келија и почна да се моли, му се јави ангел, и му рече: ‘Старче, не се сомневај во зборовите на Григориј, тој ја кажа вистината, и ти треба така да размислуваш, и истото да го пренесеш на другите’.“
Исихастичкото Предание во себе го вклучува не само практикувањето на Исусовата молитва, туку и целиот спектар на духовниот живот – борбата за чистење од страстите и здобивањето на добродетелите.
Ако го изгубиме допирот со исихастичкото Предание, ние (мирјаните и монасите) ќе се изгубиме на патот кон спасението, а можно е и да заталкаме во слепата улица на западно-христијанските доктрини. На пример, може да се нурнеме во пиетизмот – учењето според кое ние ќе бидеме спасени поради нашите добри дела. Погибелното во овој пристап е самооправдувањето кое го попречува нашето спасение. Или, пак, во најразлични други девијации кои ја преплавија западната црква, или отфрлувањето на боговдахновеното Свето Писмо.
Противотров за нагрдувањето на црковниот живот е исихастичкото Предание. Во него се содржи стремежот за чување на умот во трезвеност за да можеме со помошта на Божјата благодат да се исчистиме од страстите и да бидеме добродетелни. Тогаш нашето срце ќе биде подготвено во него да се всели Христос. Самиот Спасител вели: „зашто кој Ме љуби Мене, ќе ги исполнува Моите зборови; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе си направиме живеалиште во него“.
Јеромонах Лука Григоријатски