Славословието е некористољубива молитва (27.07.2013)
Во мојот живот на прво место е молитвата. Не се плашам од пеколот, ниту мислам на рајот. Само сакам Господ да се смилува на целиот свет, па и на мене...
Се молам за вас кога сте во искушенија, но тоа не е доволно. Мојата молитва треба да наиде на одѕив и од ваша страна. Бог, Кој ни ја праќа Својата благодат, треба да ги види нашите раце раширени за прегратка, за да можеме да ја примиме Неговата благодат. Понатаму, што било и да допушти, тоа ќе ни биде од духовна полза... Молете се за оние што ве обвинуваат, па во вашата молитва ќе бидат опфатени и тие.
Ви се случува ли од некого да чуете нешто што ќе ве натажи? Бог го знае тоа. Вие само раширете ги своите раце кон Него, велејќи: „Господи Исусе Христе, помилуј ме!“ Направете вашиот ближен да биде едно со вас. Господ знае што ја мачи неговата душа, па гледајќи ја вашата љубов, ќе побрза да помогне. Тој ги знае најдлабоките желби на човечкото срце...
Молете се за очистување на секој човек, за на таков начин во вашиот живот да го подражавате ангелскиот начин на живот. Точно, ангелите не се молат за себе. Така и јас правам. Се молам за луѓето, за Црквата, за нејзиното тело. Кога се молите за Црквата, истовремено се ослободувате од страстите. Кога славословите, вашата душа омекнува и се чисти од Божјата благодат. Желба ми е да се научите на оваа вештина.
Бог сака да бидеме слични на ангелите. Ангелите само славословат - таква е нивната молитва. Само тоа. Славословието е многу деликатна работа. Тоа ги надминува човечките способности. Ние луѓето сме многу чувствителни и прилепени за земното. Затоа и Му се молиме на Бога користољубиво. Го молиме да ни ги реши нашите прашања, добро да напредуваме на работа, да сме здрави, Го молиме за нашите деца. Се молиме, меѓутоа, на човечки начин и во духот на користољубието. Славословието е некористољубива молитва. Ангелите не се молат за нешто да добијат; тие не се себични. Бог и нам ни дал можност нашата молитва да биде трајно славословие или ангелска молитва. Тука се крие големата тајна. Кога ќе влеземе во таквата молитва, постојано ќе Го славиме Бога и сѐ ќе Му препуштиме Нему, онака како што се моли нашата света Црква: „Целиот свој живот на Христа Бога да Му го предадеме!“ Ова е „виша математика“ во нашата вера!
Старец Порфириј Капсокаливиски