Молитвата е атмосферата во која треба да живееме и дишеме (04.08.2013)
Тивката молитвена надеж ја привлекува Божјата милост. Впрочем, од Божјите раце не може ништо да се земе на сила, а со помош на солзите сѐ е можно! Подај Господи! Подај Господи! Треба да се истрае; не постои право, сѐ е милост!
Еве од што се содржи молитвениот труд: стоење пред Господ со умот во срцето, гледање на Господ, одење пред Неговото лице, постојана исповед и покајничко паѓање пред Него – и кога седиш, и кога се движиш, и кога разговараш... Тешко е! Се разбира дека не е лесно! Затоа и се нарекува молитвен труд.
Кога ќе стоите во срцето со мислите за Господ, умот, малку по малку ќе се измори и ќе почне да шета ваму-таму, како да сака да побегне. Тогаш како наследство дадете му го името на нашиот Господ Исус Христос, односно Исусовата молитва, и нека повторува... Но притоа, потребно е внатрешно, побожно и понизно паѓање на колена пред Бога, кое човекот го претвора во прав и пепел пред Господ.
Трудете се (во молитвата), но не треба да мислите дека самите можете нешто да направите; туку покајнички изговарајте: „Господи, помогни ми! Господи, запали го огнот!“ Еден светогорски монах две години Ја молел Пресвета Богородица и Таа му го подарила огнот во срцето. Вие, исто така, молете се и трудете се, односно барајте утврдување во срцето. А Господ, гледајќи го вашиот труд и искрената желба за тоа богатство, ќе ви даде благодат во срцето... Божјата Мајка ви е помошничка... Потсетете се како Старецот, о. Серафим, одеднаш, за време на Литургијата бил обземен од огнот во срцето, учете од него. Тоа е блажена состојба, тоа е рај! Барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви се отвори.
Најважно е дека треба да се биде со умот во срцето, пред Господ, и постојано, ден и ноќ, да се стои пред Него, до крајот на животот. Потрудете се малку, со постојана усрдност... Ќе ви се појават мисли против духовникот, неблагонаклонетост кон самото дело на молитвата, хула на неа, истоштеност, желба (молитвата) да се отфрли бидејќи е тешка. Не го слушајте тоа! Држете се до своето дело... Ѓаволот сее хула, пред сѐ, на оваа молитва (Исусовата). Затоа што таа го гори и протерува; тој не може да му се приближи на лицето во чие срце се вкоренила Исусовата молитва. Најслаткото Господово име, кое непрестајно се изговара и одѕвонува во срцето, и без ваше знаење ќе го победи непријателот. Се случува, душата, поради невнимателноста и негрижата, да се заборави и замисли, но кога ќе биде опомената, се враќа и гледа дека во срцето се пее истото: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот!“
Преку трпението ќе напредувате во она што сте го започнале (Исусовата молитва). Неуспехот нека не ве вознемирува. Наше е да се трудиме, да бараме, да итаме, а кога делото ќе даде плод, тоа Му е познато единствено на Господ. Не ги одредувајте роковите, туку работете, молете се, за Оној што ја дава молитвата, да ви ја подари и вам. Барајте и ќе најдете!
Свети Теофан Затворник