Секој христијанин треба да се соедини со Господ во своето срце (10.08.2013)
Постојат активности кои видливо ги извршува телото, но постојат и невидливи дела. А тоа се вистинските... Првото од нив е размислувањето (сеќавањето) за Бога преку умносрдечната молитва. Тоа никој не го гледа, а сепак лицата кои го прават истото се наоѓаат во постојана активност. Тоа е единственото потребно. Штом тоа постои, не се грижи за останатите дела.
Бидејќи првата Божја замисла за човекот е тој да биде во жив сојуз со Бога, а тој сојуз се отсликува во тоа со умот и срцето да се живее во Бога, штом некој тежнее кон таков живот и преку тоа заедничари, во извесна мера за него може да се рече дека го исполнува животното задолжение заради кое е воведен во битие. Ова нека го знае секој што се труди во овој начин на живот и нека не се смутува што не извршува некои јавни дела. Ова дело во себе ги содржи сите останати.
Секој вистински христијанин секогаш треба да има на ум и никогаш не треба да заборави дека треба да се соедини со Господ Спасителот со целото свое битие. Треба да Му се овозможи на Господ да се всели во нашиот ум и во нашето срце и таму да го живее Својот пресвет живот. Тој го прифати нашето тело, а ние треба да Го примиме Неговиот Сесвет Дух; да Го примиме и засекогаш да Го чуваме. Само ваквото соединување со нашиот Господ ќе ни ги даде оној мир и онаа добра волја, онаа Светлина и оној живот што сме го изгубиле во првиот Адам и кој сега се враќа во вториот Адам – Господ Исус Христос. А за ваквото соединување со Господ после причестувањето со Неговите Тело и Крв, најдобро и најсигурно средство е умната Исусова молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!“
Дали Исусовата молитва е задолжителна и за мирјаните, а не само за монасите? Се разбира дека е задолжителна, затоа што секој христијанин треба да се соедини со Господ во своето срце, а за ова најдобро ќе придонесе Исусовата молитва.
„Стоење над срцето; со умот во срцето; слегување од главата во срцето“ – сето ова е едно и исто. Суштината е во сосредоточувањето на вниманието и стоењето пред невидливиот Бог, но не во главата, туку во градите – во срцето. Кога ќе дојде Божјата топлина, сето ова ќе ни стане јасно.
Во книгите пишува дека Исусовата молитва, кога ќе надваладее и ќе се всели во срцето (едно е кога на неа ќе се навикне јазикот, а друго кога таа ќе се всели во срцето) дава храброст и го протерува сонот.
Внимавај на себе и труди се да не излегуваш од срцето, затоа што таму е Господ. Барај го ова и труди се во истото; ќе видиш дека тоа е скапоцено.
Тоа што ве води чувството или што воопшто имате духовни чувства сѐ уште не значи дека цврсто и внимателно стоите во срцето. Кога умот постојано престојува во срцето и стои пред Господ со страв и побожност, не сака да излезе од таму. Тоа потсетува на она кога детето цврсто ја држи мајчината рака. Господ нека ви даде да го постигнете ова.
Схи-игумен Харитон Валаамски