За Божјата Мајка
 
 
 
 
 

За Божјата Мајка (16.08.2013)

Кога душата живее во Божјата љубов, тогаш сѐ е добро, и мило и радосно! Но, и во Божјата љубов има таги, затоа што колку е поголема љубовта толку е поголема и болката. Божјата Мајка никогаш не згрешила, ниту со една своја мисла, и никогаш не ја губела благодатта, но и Таа поднесувала големи маки овде на земјата. Кога стоеле под Крстот, нејзината болка била голема како океан, и нејзините душевни страдања биле неспоредливо поголеми од Адамовите при излегувањето од рајот. Таа можела да ги издржи сите тие страшни страдања само затоа што ја крепела Господовата сила. Господ Ѝ дал тоа да го преживее бидејќи сакал Таа да го види Неговото воскресение и после Вознесението да остане на земјата како утеха и радост за апостолите и новите христијани.

Ние не сме ја достигнале совршената љубов на Божјата Мајка и затоа не можеме ниту да ја разбереме нејзината болка. Љубовта на Божјата Мајка била совршена. Таа бескрајно Го сакала својот Син и Бог, а исто така, многу ги сакала и луѓето. Што сѐ претрпела Таа кога луѓето, која Таа толку ги сакала и на кои им посакувала сѐ најубаво, Го распнале нејзиниот мил Син?

Ние ова не можеме да го разбереме затоа што премалку Го сакаме Бога, и ближните. Како што љубовта на Божјата Мајка е бескрајна и непоимлива, така и нејзината болка била бескрајна и непоимлива.

Божјата Мајка не ги забележала своите мисли, ниту својата љубов кон Синот и својот Бог, ниту страдањата на својата душа за време на Распнувањето, затоа што ние никако не би можеле да ги сфатиме, бидејќи нејзината љубов кон Бога е посилна и поогнена од љубовта на серафимите и херувимите, и Ѝ се восхитуваат сите небесни сили.

О, кога би знаеле колку Пресветата ги сака сите оние кои ги исполнуваат Христовите заповеди и колку тагува и ги жали оние што не ги исполнуваат.

Навистина, Таа е наша застапничка пред Бога, и самото нејзино име ја радува душата. Поради нејзината љубов кон нас се радуваат и небото и земјата. Тоа е голема и несфатлива тајна. Божјата Мајка живее на небото и постојано ја гледа Божјата слава, но не нѐ заборава ни нас и со своето милосрдие ја штити целата земја и сите народи.

Таква Пречиста Мајка ни подарил Господ. Таа е наша радост и застапничка. Таа е наша Мајка по дух и ни е блиска по својата човечка природа, и секоја христијанска душа копнее по Неа со љубов.

Преподобен Силуан Светогорец