Од беседата на Преображение Христово
 
 
 
 
 

Од беседата на Преображение Христово (19.08.2013)

Дојдете денес да светиме, дојдете да сопразнуваме со празникољубивите (небесни) сили, затоа што тие дојдоа да празнуваат овде со нас! Дојдете со усните како милозвучни органи да запееме! Ајде да заиграме со духот (од радост)!

За кого е ова празник и свеченост? За кого е расположение и веселба?  За оние што имаат страв од Господ, оние што Ѝ служат на Троица (Пресвета), оние што Отецот, Синот и Духот вечен Го почитуваат, кои со душата, мислите и усните Го исповедаат Единственото Божество во Три Личности (Ипостаси), кои Го повикуваат Христос, Синот Божји, и Бог...

За нас торжеството и радоста се празнични. Да го истераме облакот на секоја тага која го помрачува умот и не му дозволува да се издигне високо. Да пренебрегнеме сѐ земно, бидејќи нашиот живот не е на земјата. Да го вознесеме умот кон небото, од каде и Го очекуваме Господ, Спасителот Христос.

Денес се излеа непристапната Светлина. Денес, на Тавор, безграничниот Божји сјај им засвети на апостолите... Денес човечките уши ги слушаат работите кои не можат да се чујат...

А зошто на високата планина (гора) ги носи учениците? Светото Писмо со гори преносно ги нарекува добродетелите. Врв на сите добродетели е љубовта, затоа што со неа се одредува совршенството (Кол. 3, 4). Зашто ако некој зборува човечки и ангелски јазици, и ако има вера и планини да преместува, и го има сето знаење, и ги знае сите тајни..., а љубов нема, тогаш ќе биде бакар што ѕвони или кимвал што ѕвечи, односно ништо (Кор 13, 1-3).

Затоа треба, оставајќи го она што е од прав на правот, и надминувајќи го телесното, да се издигнеме на највисоката и Божја возвишеност – љубовта, гледајќи го невидливото. Затоа што оној кој ќе стигне до врвот на љубовта, излегувајќи, на некој начин, од себе, Го сфаќа Невидливиот, и летајќи над мракот на телесниот облак, ќе дојде во ведрината на душата, јасно гледајќи во Сонцето на правадата, иако не може целосно да биде во полнотата на тоа гледање; и ќе се моли во себе, бидејќи мајката на молитвата е тишината, а молитвата е пројава на Божјата слава. Затоа што, кога ќе ги затвориме сетилата и ќе останеме со себе и со Бога,  ослободувајќи се од лутања по надворешниот свет, тогаш во себе јасно ќе го видиме Божјото Царство. Зашто небесното Царство, кое е Божјо, „е внатре во вас“, рекол Господ Исус Христос (Лука 17, 21).

Свети Јован Дамаскин