За молитвата (20.08.2013)
Молете се смирено, со страв од Бога, и внимавајте молитвата да биде достојна. Чувајте го умот од секоја љубопитност.
Почеток во молитвата е отстранувањето на помислите при самото нивно појавување. Средина е кога помислите повеќе не му се поткраднуваат на умот, а совршенство е целосениот восхит (со сето битие обземеност) од Бога.
За време на молитвата треба да сме смирени и со покајничко расположение поради своите гревови, бидејќи кој во своето срце не гледа дека е грешник, тој нема да допре до Бога. Пример за тоа се молитвите на фарисејот и митникот.
Молитвата, растворена со солзи, смирение и покајание, секако ќе биде чуена. Така излиена од душата таа ќе го отвори небото.
Не ја оставај молитвата сѐ додека не забележиш дека нејзиниот оган и бањата (купелот) од солзи, самите заминуваат, зашто можно е да не добиеш друго такво време за простување на гревовите во текот на целиот свој живот.
Ако некои зборови од молитвата посебно ти легнале на срце, продолжи со нив, затоа што тогаш твојот ангел чувар се моли со тебе.
Молејќи Му се на Бога за простување на своите гревови, и самиот од срце простувај им ги навредите на ближните. И најмалата помисла против ближните ни го одзема правото да се молиме, зашто Бог не ја сака таквата молитва. Како што ти се однесуваш кон своите ближни, така и Бог ќе се однесува кон тебе.
Ако се молиш за непријателите, мирот ќе се всели во тебе.
Зошто нашата искрена молитва за другите има голема сила? Затоа што за време на молитвата сме со Бога, стануваме еден дух со Него, а преку верата и љубовта се соединуваме и со оние за кои се молиме, зашто Божјиот Дух, Кој дејствува во нас, во исто време дејствува и врз нив, бидејќи Тој исполнува сѐ.
Неопходни и главни правила за молитвата се: целосна предаденост на Божјата волја, искрена желба за поправање на својот грешен живот, а пред сѐ, незлобливоста. Во молитвата треба да се биде трпелив и цврсто да се верува дека ќе го добиеме она што го бараме, ако ни е од полза.
Колку и да се големи твоите гревови, моли се и не очајувај. Ако плачеме за своите гревови, тие солзи ќе го изгаснат пеколниот оган.
Молитвата како најголем Божји дар не се добива набрзина, треба труд. Тоа што се добива со напор, повеќе се цени и чува.
Свети Сава Псковско-Печерски