Бдејте! (03.09.2013)
Постојано стојте на духовната стража, затоа што не знаете кога Господ ќе ве повика кај Себе. Во својот земен живот бидете подготвени во секој миг да дадете отчет. Внимавајте ѓаволот да не ве улови во својата мрежа и да не ве измами, присилувајќи ве да паднете во искушението. Секојдневно испитувајте ја вашата совест, проверувајте ја чистотата на вашите намери и мисли.
„Бдејте, стојте во верата, машки издржете, бидете силни“. Ваков важен совет им дава апостолот на христијаните за да им укаже на опасностите од овој свет и да ги потсети за редовното испитување на нивното срце, бидејќи без тоа лесно можат да ја изгубат чистотата и толината на својата вера и неприметно да преминат на страната на злото и неверието. Како што обичната грижа се покажува во вниманието кон сето она му се заканува на телесниот живот и здравјето, така и духовната грижа се покажува во вниманието кон сето она што му се заканува на духовниот живот или делува на верата и спасението. Затоа внимателно правете проценка на вашите внатрешни мотиви, дали се од Бога или од духот на измамата. Пазете се од искушенијата на овој свет или од световните луѓе и од разните ситуации во животот! Чувајте се од најскриените внатрешни искушенија: од духовната безгрижност и невниманието при молитва, од гаснењето на христијанската љубов.
Ако му се покориме на својот ум, пред сѐ, во него забележуваме бегање од една мисла во друга, и тоа во секое време и на секое место: во домот, во храмот, на работа, за време на читањето и разговорите. Епископот Теофан вели: „Тоа обично го нарекуваат мислење, а всушност станува збор за умствено растројство или расејаност и отсуство на сосредоточено внимание. Дали некогаш сте го набљудувале животот на срцето? Обидете се да го направите тоа, барем на кратко. И внимавајте на тоа што се случува таму. Доаѓа непријатност – вие сте се разлутиле; ви се случува несреќа – вие сте тажни; пред вас застанува непријател – во вас се разгорува омраза; гледате некој рамен на себе на повисока положба – вие почнувате да му завидувате; ќе помислите на своите способности и добродетели – и ќе се возгордеете. А сето тоа е себеугодување, славољубие, сладострастие, мрзливост, омраза – едно по друго го валкаат срцето! И тоа само за неколку минути. Еден подвижник, кој внимавал на себе, имал право кога кажал дека човечкото срце го гледал исполнето со отровни змии, односно со страсти. Спротивно на тоа, срцето на светите луѓе е ослободено од страстите“.
Но, таквата слобода се постигнува со долго и тешко себеспознание, самоиспитување и внимание кон својот внатрешен живот, односно кон срцето.
Секогаш бидете внимателни. Чувајте ја својата душа! Одвараќајте ги своите мисли од она што е минливо и насочете ги кон она што е вечно, и во тоа ќе ја најдете среќата што ја бара вашата душа; кон која толку многу тежнее вашето срце.
Свети Јован Шангајски и Сан-Франциски