Блажениот живот во Христос и со Христос
 
 
 
 
 

Блажениот живот во Христос и со Христос (24.09.2013)

Ве молам, не се откажувајте од вашиот повик и не поставувајте граници на доброто и качувањето по лествицата на совршенството. Оние што трчаат по минливите имоти не се наситуваат со зголемувањето на богатството. Ниту вие не треба да застанете во духовното усовршување, туку брзајте напред до последниот здив. „Затоа што мислам дека сегашните страдања не се ништо во споредба со славата што ќе ни се открие.“ Зар во житијата на светителите не гледате со каков труд и пот тие се подвизувале во својот живот? Не можете ли да видите со колку крв и какви страдања тие го завршиле овдешниот живот? Зошто? За да Го здобијат Христос. „Затоа што ова што се гледа е привремено, а она што не се гледа е вечно.“ Зар сонцето не е добро? Меѓутоа, и тоа ќе потемне. Месечината, зар не е убава? Но и таа ќе престане да свети. Ѕвездите? И тие ќе паднат. Зар небото не е убаво? И тоа ќе обледе како облека. Сѐ ќе се измени: ќе има ново небо и нова земја, како што е напишано. И ќе започне неискажливиот блажен живот во Христос и со Христос. Такви се ветувањата. И со истакнувањето на тоа си помагаме самите себеси во победувањето на сетилното со помош на натсетилното. Божјата љубов ја надминува телесната, според учењето на апостолот: „Барајте го она што е горе, каде што Христос седи од десната страна на Бога. Размислувајте за она што е горе, а не на земјата“. Не се валкајте во нечистотијата на сластољубието, во калта на страстите, чиј крај е погибелта... „Меѓутоа, нашиот живот е на небото, од каде Го очекуваме и Спасителот Исус Христос.“

„Постои време за секое нешто под небото“, вели мудриот. Времето, пак, за градење на нашето спасение е секогаш и секаде. Бидејќи, апостолот вели: „Сега радувајте се, молете се постојано, благодарете за сѐ“. Преку овие три работи се одредува нашето спасение. Затоа што, радоста е знак за праведност, непрестајната молитва не му остава место на ѓаволот да нѐ напаѓа, а благодарењето е сведоштво за љубовта кон Бога. Заградени од сите страни со нив, ревносно да Му угодуваме на Бога, не предавајќи ѝ се на малодушноста во ниту една ситуација и не раслабувајќи се со набрежноста, ниту во исполнувањето на послушанието, ни во псалмопеењето, ниту во ракоделието, туку, исполнувајќи сѐ со срдечно расположение, „како добри управители со разните Божји благодати“.

Преголема е ревноста на светите Отци. Каков силен дух, какви подвизи; и како ги прославил себлагиот Бог, покажувајќи ги како богови преку знаците и чудата што ги правеле. И се прославиле не само оние што од почетокот биле добри и не знаеле за грев, туку и оние што скршнале од добриот пат и паѓале во тешки гревови, за потоа да се исправат со вистинско покајние. Затоа нема оправдување за небрежноста и негрижата за спасението. Бидејќи, единствена причина за погибелта е нечувствителноста и скаменетото срце, до кои доаѓа поради непокајнието.

Свети Теодор Студит