„И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни“ (25.09.2013)
Започнува навикнувањето на умната молитва – спасоносното дело. Првите плодови ја оживуваат верата, верата го зголемува трудот, а тој уште повеќе ги зголемува плодовите; така успехот го следи подвигот. Токму поради овој труд за навикнување на умната молитва, по Божјата милост, стануваат сѐ почести оние престојувања внатре пред Бога, за кои веќе сме зборувале. А потоа доаѓа и она вовлекување внатре, засекогаш да се утврди, и внатрешниот живот во Бога да стане непрекинат. Тоа е почетокот на владеењето на Божјото Царство во нас. Но, ќе додадеме дека тоа е и почеток на новиот круг промени во внатрешниот живот, кому му доликува терминот продуховување на душата и телото...
За Божјото Царство, пак, треба да се каже следново: тоа во нас се раѓа кога умот се спојува со (слегува во) срцето, целосно растворајќи се во размислувањето за Бога. Тогаш човекот, своите свест и слобода му ги предава на Господ, како жртва која Нему Му е пријатна, а од Него добива власт над себеси, и сила, владее над сѐ свое, внатрешно и надворешно, во Негово име.
Она што најмногу ги загрижува оние што се трудат во ова дело е внатрешниот неред во мислите и желбите; целата нивна ревност е насочена на тоа да се отстрани тој хаос. За тоа не постои друг начин освен да се здобие духовно чувство или срдечната топлина преку молитвата кон Бога. Штом ќе се роди таа топлина, мислите се смируваат, внатрешната атмосфера станува сѐ појасна, ќе станат видливи сите извори на добрите и лошите движења во душата и човекот ќе добие власт да ги истерува вторите. Внатрешната Светлина ќе почне да се излива и на надворешното и со помош на неа ќе може да се разликува она што е добро од лошото, давајќи му сила на човекот да се зацврсти во доброто, без оглед на сите препреки; со еден збор, тогаш започнува вистинскиот, активен, духовен живот, кој човекот дотогаш го барал, и кој ако претходно се појавувал, тоа било само на моменти. И кога постои оној копнеж за кој зборувавме, се појавува и Светлината, а таа исчезнува поради недостатокот од него. Но, спротивно, топлината која се родила во срцето е постојана и во себе го држи вниманието на умот. Кога умот е во срцето, тоа нивно спојување претставува целовитост на нашиот духовен организам.
Господ ќе дојде да ја излие Својата Светлина врз нашиот ум, ќе ги исчисти чувствата, ќе раководи со нашите дела. Тогаш во себе ќе почувствувате една сила која претходно ви била непозната. Ќе се појави и ќе дојде, не сетилното и видливото, туку невидливото и духовното, но сепак вистинското. Како сведоштво за тоа служи раѓањето на сега веќе непрестајното горење на срцето, при што умот, престојувајќи во срцето, се растворува размислувајќи за Господ, се зацврстува внатре и следи сѐ што се случува – она што Му е угодно на Бога го прифаќа, а сѐ гревовно отфрла, и сите дела се извршуваат со потполна свест дека тие се според Божјата волја; на човекот му се дава сила правилно да управува со својот живот, и внатрешниот и надворешниот – му се дава власт над себеси. Тој добива слобода да делува кога во срцето ќе го почувствува доаѓањето на Господ и тогаш се исполнува ветеното: „И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни“.
Схи-игумен Харитон Валаамски