Радувајте се на сѐ што нѐ опкружува
 
 
 
 
 

Радувајте се на сѐ што нѐ опкружува (28.09.2013)

Сѐ нѐ поучува и сѐ нѐ води кон Бога. Сѐ околу нас, тоа се капки на Божјата љубов. И билките и животните, и птиците и планините, и морето и залезот на сонцето, и ѕвезденото небо. Тоа се мали зраци на љубовта преку кои доаѓаме до големата Љубов – Христос. Цвеќето, на пример, нѐ учи со своите мириси, со своето величество. Зборува за Божјата љубов. Ги шири своите мириси, својата убавина и врз грешните и врз праведните.

 

За некој да стане христијанин, треба да има поетска душа, треба и самиот да стане поет. Тврдите души Христос не ги сака во своја близина. Христијанинот е поет, тој е во тој дух само кога љуби. Поетските срца ја прегрнуваат љубовта, ја ставаат во своите срца, длабоко чувствувајќи ја.

 

Да ги искористиме убавите моменти. Тие ја водат душата кон молитвата, ја прават нежна, благородна и поетска. Наутро разбудете се и погледнете кон сонцето кое како крал, пурпурно излегува од морето. Кога ќе ве воодушеви некој убав предел, некоја црквичка, нешто убаво, не останувајте само на тоа, туку продолжете и понатаму, над истото, во благодарење за целата убавина, за да живеете со единствениот Убав. Сѐ е свето...

 

Радувајте се на сѐ. Сѐ нѐ богати, сѐ нѐ води кон големата Љубов, сѐ нѐ води кон Христос... Сите ситуации се поврзани со сите и со сѐ. Не бидете рамнодушни, постојат многу причини за благодарење и молитва кон Господ на сѐ.

 

Живејте во сѐ, во природата, во сѐ создадено. Природата е тајно Свето Писмо. Меѓутоа, кога некој во себе ја нема благодатта, природата не му е од полза. Природата нѐ буди, но не може да нѐ одведе во рајот.

 

На човекот му е дадена таква сила што може да го пренесе доброто или злото врз она што го опкружува. Тоа се многу специфични работи. Потребно е големо внимание. Потребно е на сѐ да гледаме како на добро и позитивно. Ниту малку не смееме да размилуваме лошо во врска со другите. Дури и брзиот поглед и воздишката влијаат на оние околу нас. И дури и најмалата лутина предизвикува штета.

 

Потребно е да имаме добрина и љубов во нашата душа и тоа да го пренесуваме на нашата околина. Мораме да бидеме внимателни, никого да не оптеретуваме со каква било злоба против оние што нѐ повредиле, туку, со љубов да се молиме за нив.

 

Што и да направи некој, никогаш не би смееле да имаме лоши мисли за таа личност. Секогаш треба да имаме љубовни мисли и секогаш да бидеме добри кон останатите околу нас.

 

Св. Стефан, првиот маченик, молел: „Господи, не им го земај ова за грев“. Ние треба да го правиме истото.

 

Старец Порфириј Капсокаливиски