За Исусовата молитва
 
 
 
 
 

За Исусовата молитва (02.10.2013)

Се прашувате што да правите и како да си помогнете? Ние Го имаме Господ, единствениот Учител и единствениот Помошник, без Кого не можеме да неправиме ништо полезно. Тој е секогаш блиску, Нему обратете Му се. Дали сте читале нешто за Исусовата молитва? Само таа може да направи вашата внатрешност да биде во цврста и правилна состојба, не допуштајќи им на секојдневните искушенија да го нарушат тој ред. Единствено таа молитва дава можност за извршување на правилото на светите Отци, кое гласи: рацете со работа, а умот и срцето со Бога. Кога таа молитва ќе легне на срцето во внатрешноста на битието се воспоставува една трајна и непрекината состојба. Тоа е плодот од Исусовата молитва која се накалемила на срцето. А како доаѓа до тоа калемење? Не е важно како, важно е да се калеми. Бидете во Божјо присуство со сѐ почесто повторување на оваа молитва. Штом ќе најдете слободно време веднаш грабнете ја... и ќе ви тргне.

Трудете се во Исусовата молитва колку што можете. Таа ќе ви подари собраност во духот, ќе ви даде да ја почувствувате силата во Господ и ќе придонесе да живеете со неа – и кога сте сами, и кога ве опкружуваат луѓе, кога работите нешто, кога читате. Но неопходно е да се повторуваат зборовите за умот и срцето да бидат насочени кон Господ. Неопходно е и едното и другото истовремено.

Да претпоставиме дека утрово сте добиле молитвено расположение и сте тргнале на работа. Меѓутоа, уште од првиот чекор ве преплавуваат мисли и впечатоци за работата, колегите, а тие ја оддалечуваат душата од Бога. Што да се прави? Треба да се обнови мислата и чувството за внатрешното обраќање на умот и срцето кон Бога. А за тоа полесно да се направи, треба да се навикнеме на некоја кратка молитва и да ја повторуваме што почесто. Секоја кратка молитва е добра за тоа, но најпогодна е Исусовата молитва: Господи Исусе Христе, помилуј ме. Трудете се да се навикнете на неа и не се откажувајте додека не ја здобиете таа навика. Еднаш вкоренета, таа молитва ќе ви служи како постојан посетник за стоењето пред Бога, со мислите и чувствата насочени кон Него.

Свети Теофан Затворник