За страстите
 
 
 
 
 

За страстите (04.10.2013)

И јас би сакал со пророкот Исаија да речам: „Трпев како родилка, сѐ додека не се исушија и истребија“. Знакот дека во тебе повеќе ги нема (страстите) е изворот на Светиот Дух, Кој жубори во тебе, како што рекол Спасителот: „Божјото Царство“, не е овде или... онде, туку „е внатре во вас“. Има луѓе кои зборуваат за делата, но не ги извршуваат; има и такви што ги практикуваат, но не со (доволно) внимание; а има и такви, иако се ретки и тешко се наоѓаат, врз кои се исполниле зборовите на Спасителот – дека Царството е во нив. Кај таквите дошол Светиот Дух и се исполниле зборовите на евангелистот Јован: „На оние што веруваат во Неговото име... им се даде да бидат Божји чеда, кои не се родени од крв, ниту од телесна желба... туку од Бога“. Тие се спасиле од казната: „Во болки ќе ги раѓаш своите деца“. Тие се спасиле од пресудата: „Земјата нека биде проклета поради твоите дела“. Тие примиле радост каква што примила (Пресвета) Марија: „Светиот Дух ќе дојде врз тебе“. Како што тагата ја достигнала Ева и целото нејзино потомство, така радоста ја достигнала Марија и сето нејзино поколение. Како што некогаш сме биле синови на Ева, препознавајќи го во себе нејзиното проклетство преку бесчесните помисли, така сега, преку Светиот Дух и страдањата, треба да се видиме како родени од Бога. Затоа што кај апостолите е напишано: „Самите испитувајте се... дали Христос е во вас? Освен ако не сте недостојни“.

Носејќи го другиот образ, сфаќаме дека сме од земја, според нечесните работи и помислите кои живеат во нас, односно страстите. Тие, пак, што се облекоа во небесниот образ, сфатија дека се Негови синови преку Светиот Дух Кој живее во нив. Така и Исаија извикал: „Поради стравот од Тебе, Господи, се мачевме во болки и Го родивме Духот на спасението“. И во Проповедникот е напишано: „Патот на Духот е како што настануваат коските во утробата“. Како што Пресветата Дева Го носела Него во телото, така оние што ја примиле благодатта на Светиот Дух Го носат во своите срца, според зборовите на апостолот: „Да ви даде небесниот Отец сила да се утврдите во внатрешниот човек преку Неговиот Дух и Христос да се всели во вашите срца, па вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разберете со сите светии што се ширината и должината, што се длабочината и височината“. И повторно, тој вели: „А ова богатство го носиме во глинени садови, за преизобилната сила да Му се оддава на Бога, а не нам“.

Ако си го достигнал она, за кое се вели: „Сите ние се... преобразуваме... во тој ист лик, од слава во слава“, и ако врз тебе се исполниле апостолските зборови: „И Божјиот мир нека владее во вашите срца“, и ако си стигнал до она: „Ако Христос е во вас, телото е мртво за гревот“, и ако си достигнал до: „Од тебе изгреа светлина... ги озари нашите срца за познание на Божјата слава“, и: „Нека ви биде крстот стегнат и светилата – запалени! Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаа својот господар да се врати од свадба, за веднаш да му отворат, штом дојде и почука“; ако знаеш дека во твојот сад има елеј за да влезеш на свадбата; ако си почувствувал дека духот, душата и телото тие се беспрекорно соединети и дека во денот на Христовото доаѓање ќе останат без мани; ако совеста не те изобличува и не те опоменува; ако си станал дете според Господовите зборови – тогаш навистина си станал Негова невеста и Светиот Дух те направил наследник, уште додека си во телото. А ако не е така, очекувај тага и воздишки, бидејќи срамот секогаш ќе биде пред тебе.

И така, усрдно подвизувај се, за преку напорите на срцето и телото, и со разумот да ја здобиеш таа вечна радост. Бидејќи, ретки се оние што се удостоени, што имаат духовен меч и што ги ослободиле својата душа и сетилата од секоја страст, како што рекол апостолот. Бог е моќен да ѝ помогне на нашата слабост и да нѐ удостои (да бидеме) со Неговите светии. Амин.

Ава Исаија