За рајот
 
 
 
 
 

За рајот (05.10.2013)

Чедо мое, обожение на небото! Таму Господ Бог ќе ја избрише секоја солза од твоите очи, секоја тага, болка и воздишка. Таму царува ангелскиот начин на живот, таму се пеат само химни и духовни пофалби.

Таму е вечната починка, каде радосно ќе живееме со нашиот Бог Отец, Кој чека да бидеме подготвени и засекогаш да нѐ викне кај Себе! Таму секоја спасена душа ќе живее во вечна љубов, сладост, радост, восхит.

Ќе се исполни времето, ќе биде означен денот, ќе дојде моментот да се затворат телесните очи и да се отворат очите на душата. Таму ќе видиме ново создание и нов живот, кој нема да има крај. Неговото име е „бесконечна бесмртност“, голема вишна татковина, нераспадлива и вечна, небесен Ерусалим, мајка на првородените, во која ќе живеат спасените души на оние што се исчистиле од нечистотојата преку Крвта на невинито Јагне.

Кој ќе може со зборови или перо да ги искаже радоста, восхитеноста и среќата на овие блажени и спасени души? Блажени се оние што нашле мир во Господ, затоа што ги очекуваат богатствата на Божјата добрина. Блажени се оние што ќе ја добијат главната награда на небесниот празник, богатствата што не можат да бидат одземени, славата за која се зборува и во Евангелието: „ако сме деца, наследници сме; значи Божји наследници, Христови сонаследници“.

Господ пред страдањата Го молеше небесниот Отец за Своите ученици и оние што ќе поверуваат преку нив: „Оче, сакам и оние што ми ги даде да бидат со Мене, да ја гледаат славата што Ми ја даде“.

Голема е Исусовата љубов кон нас! Прими човечка природа и беше прикован на Крстот за да ни подари слобода и да го отплати нашиот долг кон небесниот Отец! Како свои најсакани браќа, нѐ удостои да бидеме сонаследници на вечното богатство на небесниот Отец!

О, голема е Неговата љубов кон нас! О, колку сме ладни кон Него! О, колку сум неблагодарен кон својот Доротворец! Боже мој, Боже мој, смилувај се на мене и не ме осудувај, иако според моите дела заслужив!

Како што Бог духовно нѐ соедини со нераскилнив синџир, Тој, исто така, може да нѐ удостои да бидеме заедно во Неговото небесно Царство, да вечераме на духовната трпеза и да се насладуваме со Неговата Божја добрина, да бидеме соединети со небесниот Отец, во Кој течат вечните реки на Неговите небесни води. О, каква возвишена предодреденост! О, колку се богати плодовите на привременото страдање!

Божјите чеда ќе бидат облечени во небесни облеки. На нивните ликови ќе блескаат Божјите црти. Ќе влезат во наследството на Отецот, во вечниот мир!

Старец Ефрем Филотејски и Аризонски