Господ нѐ повикува да се преобразиме
 
 
 
 
 

Господ нѐ повикува да се преобразиме (06.10.2013)

Тој сака да бидеме вистински, да се преобразиме во она што сме го изгубиле. И во духовниот живот, особено во монашкиот, егото може да се преобрази исто како кога учениците, следејќи Го Христос на врвот на планината Тавор, посведочија за преобразувањето на Неговото тело во Светлина. Отците објаснуваат дека ова преобразување, всушност, не се случило со Христовото тело, туку во очите на Неговите ученици. Бидејќи, во тој миг, нивните очи можеле го видат она што Христос отсекогаш бил – блескава, полна Светлина. Преку нивната послушност, следејќи Го Христос, тие биле доведени на планината за да уживаат во таа вистина. Кој било од нас може да го добие тој благослов. Нашата природа може да биде преобразена.

Ова преобразување е нашиот вистински напредок, нашиот вистински раст. Не е толку важно дали нашиот духовен живот во Христос ќе го користиме за да станеме подобри, попаметни, за да имаме повеќе пријатели, да влијаеме на другите, да имаме авторитет и моќ, пари, добро здравје, почитувано име и убаво лице. Најважно е што имаме во внатрешноста на нашето срце. Важно е дека во секојневните постапки, таму во срцето, не смее да биде зрното на егото. Затоа што кога ќе дојде искушението, тоа може да го уништи квалитетот на животот и односите меѓу луѓето. Господ нѐ учи постојано да бидеме будни и да се молиме, да велиме: „Заштити нѐ и не дозволувај да паднеме“. Преку оваа заштита во искушенијата можеме многу јасно да погледнеме во своето срце. И следејќи го наједноставниот, нормален живот, можеме да се прочистиме, да ги очистиме нашиот дух и нашиот ум. После тоа многу е лесно да дојде Светиот Дух. Тоа е како во Евхаристијата, сите ние сме подготвени за лебот и виното. Се молиме и Светиот Дух слегува и ги претвора лебот и виното во Тело и Крв. На истиот начин, можеме да се очистиме, и Светиот Дух доаѓа и нѐ преобразува на сите начини за кои сме читале во книгите, и ни носи многу повеќе искуства кои ниту една книга на светот не може да ги содржи.

Преобразениот секогаш е подготвен за секого. Тој никогаш не кажува ниту чувствува дека е изморен. Тој е радост. Секогаш е подготвен да даде. Тој постои само за другите. Тој е подготвен да им служи на сите. Никого не осудува, вклучувајчи го и најголемиот грешник. Тој е како дете, или царско дете. Кој смее да го задева царскиот син? Кој смее да да ги допира младите лавчиња кога знае дека нивната мајка е во близина? Поставувајќи ги работите на овој начин, вие сте како младо јагне меѓу волци, но вие не се плашите. Вие се нудите, секого го примате, сакате, му служите, се молите за сите и подготвени сте во секој миг да умрете, и во тоа, вие сте целосно слободни. Ова се плодовите на љубовта, затоа што стануваме извор на љубовта. Таков е човекот без его. Тоа е преобразување. Тоа е како ние да сме дрво дива маслинка, старо дрво, и ни треба нешто што ќе влезе во нас и ќе го трасформита нашето стебло во добро, плодоносно дрво. Човекот без его е човек со Бога, човек со Свет Дух во себе.

Кога сте подготвени да умрете во секој миг, кога љубите, почитувате, коленичите пред другиот, тоа е како да се подготвувате за операција; но вие притоа не судите никому ниту чувствувате дека некој има потреба од вас.

Ние можеме да бидеме совршени, всушност, ние мораме да бидеме такви; тоа е единственото потребно.

Старец Дионисиј (духовно чедо на Старец Емилијан, еден од групата монаси кои заедно со почитуваниот архимандрит ги напуштаат Метеорите и се населуваат на Света Гора)