Нашата благодарност кон Бога се содржи во тоа да ја сочуваме љубовта
 
 
 
 
 

Нашата благодарност кон Бога се содржи во тоа да ја сочуваме љубовта (07.10.2013)

Не е доволно само да ја засакаш и да ја прифатиш Божјата љубов, туку треба да ја сочуваш, и да фрлаш дрва во огинот за да го одржиш. Бидејќи, да бидеме во љубовта, во која е целото блаженство, значи да живееме во Бога, односно Тој да живее во нас, зашто: „кој живее во љубовта, тој живее во Бога и Тој во него“. Така е – љубовта се зацврстува во нашата волја кога постапуваме според заповедите и кога го почитуваме законот на Љубениот. Но, душата според своите енергии ја прифаќа оваа или онаа навика, добра или лоша; затоа што и кога станува збор за способностите (умеењета), ги здобиваме и учиме од оние на чии дејства сме се навикнале. Божјиот закон ги одредува човековите дела и сака истите да бидат во хармонија со Божјата волја. А ние искрено ќе Го љубиме Бога само ако во нас ја засадиме навиката да го сакаме она што е дозволено според Законодавецот, ако целата своја волја Му ја потчиниме Нему и ако освен Него не сакаме ништо друго. Затоа и Спасителот вели: „Ако ги исполнувате Моите заповеди, ќе останете во Мојата љубов“.

Блажениот живот е плод на таквата љубов бидејќи таа отсекогаш се грижи за нашата волја, ја оддалечува од сѐ останато, па и од нас самите, и ја соединува единствено со Христос. Заедно со волјата оди и сѐ останато што е наше: нагоните на телото, дејството на умот, секое дело и сѐ што е човечко; значи, сето тоа се насочува таму каде што го води волјата. И воопшто, желбата го управува и води сето наше битие, па ако се запре на нешто, сѐ наше се врзува за него; значи, кој ќе ја освои неа, тој ќе господари со нашиот ум.

                      *  *  *

Во таа љубов и во таа радост се остварува блажениот живот. Тој живот, од една страна, е скриен, според зборовите на апостолот Павле, а од друга страна, пак, е видлив, бидејќи Господ вели: „Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е и со секој човек роден од Духот“. Блажениот живот е невидлив според благодатта која раѓа и создава, како и по тоа што е и на кој начин препораѓа; но, видлив е по оние што живеат во него, затоа што покажува што е неискажлива љубов кон Бога и радост заради Него. Навистина, љубовта и радоста се самите по себе видливи и ја откриваат невидливата Божја благодат; најпрво затоа што и самите се плод на благодатта („плодови на Духот се љубовта и радоста, а по плодот се познава дрвото“, вели апсотолот), а потоа зашто благодатта го претставува посинувањето од страна на Духот, односно љубовта кај оние што сведочат за тоа сродство, како и за тоа дека се Божји синови и дека во нив нема ништо наемничко и ропско.

Таков е животот во Христос – скриен, но се покажува во светлината на добрите дела, односно љубовта, затоа што во неа блеска секоја добродетел. Поради тоа не би згрешил оној што таа љубов би ја нарекол живот, зашто таа преставува соединување со Бога, а тоа значи живот – како што разделбата од Него ја сметаме за смрт. Затоа и Самиот Спасител вели дека „Неговата заповед е вечен живот“, притоа имајќи ја на ум љубовта. „Зборовите што ви ги кажав се дух и живот“ односно љубов, а „кој живее во љубовта, живее во Бога и Тој во него“, овде повторно се зборува за живот; бидејќи Господ вели: „Јас сум... животот“. Ако животот преставува сила која го движи сѐ она што е живо, што е тогаш она што ги движи луѓето кои вистински живеат, чиј Бог е живиот Бог, Кој е Бог на живите, а не на мртвите? Никаков друг придвижувач нема да најдеш освен самата љубов, која не само што ги води и управува со нив, туку и со леснотија ги изведува од нив самите и, на тој начин, може да делува во нив појако од секое живеење, и да биде поважна од самиот живот. Затоа што, љубовта нѐ наведува да го презреме животот.

Според тоа, што е подостојно од љубовта за да биде наречено живот? Освен тоа, кога на живите луѓе сѐ ќе им биде одземено, единствено што им преостанува е љубовта. Навистина, кога во идниот живот сѐ ќе престане, како што вели апостолот Павле, ќе остане само љубовта, која ќе биде доволна за оној живот во Исус Христос, нашиот Господ, Кому Му доликува вечната слава. Амин.

Свети Никола Кавасила