За Исусовата молитва
 
 
 
 
 

За Исусовата молитва (08.10.2013)

Ако сите заповеди се содржат во љубовта кон Бога и ближните, а љубовта се достигнува со исполнување на заповедите, кои ни се дадени во Евангелието, тогаш треба да се насочиме кон најкраткиот и најлесниот пат што води кон исполнување на истите. Мирјанинот може да се ограничи на телесната активност, но на оние што бараат повеќе неопходно им е внатрешното. Самиот Господ со два збора истакнал што е посебно неопходно во тешките времиња – бдејте и молете се. Не рекол во тоа и тоа време, туку секогаш (постојано). Да се бдее значи да се внимава на себе, на своите мисли, зборови, чувства; да се внимава на сѐ што е спротивно на Евангелието и сето тоа да се отфрла со помош на Исусовата молитва, со што се исполнува и вториот збор. Ако правите така, тогаш таа молтва ќе замени сѐ, иако не се исклучени ниту активностите кои придонесуваат за олеснување на подвигот. Непрестајното принудување на Исусовата молитва е најдобар доказ дека човекот сака да биде со Господ, дека сака да ја исполнува Неговата заповед.

Дури и за време на богослужбата митникот изговорил само пет зборови и се оправдал. Светите Отци велат дека сите молитви можат да се заменат само со една – Исусовата.

Молитвата ќе се извршува правилно ако нераскинливо биде сплотена со покајанието, ако биде израз на срдечното покајaние поради недостојноста, гревот, свеста за постојаното нарушување на евангелските заповеди. Таквиот израз на покајничко срце бил присутен и кај митникот. Внимавај на тоа! Духовниот плод во потполност не се раѓа од повторувањето на Исусовата молитва на глас, туку од молитвата како израз на покајанието со кое е исполнето срцето. Тогаш, набрзо, молитвата ќе предизвика умиление и загревање на срцето, а тоа ќе ѝ донесе леснотија и сѐ останато. Исполнувањето на заповедите – надворешни и внатрешни – според силите на човекот, бдеењето и покајничката Исусова молитва, ете тоа е непобедливото оружје, ќе речам достапно, единственото достапно оружје во ова наше време. Молењето со Исусовата молитва секогаш го држи човекот во духовна напрегнатост, не го врзува ниту за книгите, ниту за животните услови, дури ни за здравјето. Таа ни е секаде и секогаш (освен кога ќе се задлабочиме во некоја работа, која бара големо внимание) достапна.

Ви посакувам да го сфатите и научите ова. Исполнувајте го молитвеното правило, дадено според околностите во животот и силите, но и останотото време, дење и ноќе, според можностите бдејте и молете се, бидејќи преку таа активност ќе ги избегнете несреќите – материјални и душевни.

Игумен Никон Воробјов