Зошто христијаните мораат да носат толку тешки крстови? (09.10.2013)
Многумина со двоумење ги поставуваат прашањата: „Зошто патот кон небесното Царство е толку тежок?“ и „Зошто христијаните мораат да носат толку тешки крстови?“ На овие и слични прашања христијанинот треба секогаш да одговара дека тоа Му е угодно на Бога. Нашиот Бог е премудар и го љуби човековиот род; Тој знае што да прави со нас. Ако навистина сакаме да бидеме вистински ученици на Исус Христос, односно кротки ученици, послушни и предадени на Господ, ајде самите себеси и целиот наш живот да Му го предадеме на нашиот Бог. Треба да укажеме на неколку јасни и разумни причини поради кои патот кон небесното Царство е толку тежок, како и на тоа дека не можеме да го избегнеме овој пат ако сакаме да се спасиме:
1. Небесното Царство е највозвишеното блаженство, најголемата слава и чест, и најнеисцрпното богатство; затоа, ако за добивање и на најмалото земно богатство потребни се многу труд и грижи, како тогаш неописливото богатство би можеле да го здобиеме без напор?
2. Небесното Царство е награда, и тоа највредна; а каде се добива награда без труд? Затоа, ако треба да се потрудиме и избориме за некоја земна и минлива награда, колку повеќе би требало да се потрудиме за да ја спечалиме вечната награда?
3. Ние треба да ги носиме своите крстови, затоа што сакаме да се наречеме христијани, да бидеме ученици и следбеници на Исус Христос и да учествуваме во Неговата слава. Каков што е Господарот, Учителот и Главата, такви треба да бидат и потчинетите, учениците и следбениците. Исус Христос Својата слава ја доби преку страдања; соодветно на тоа, и ние можеме да влеземе во таа слава само преку патот на страдањата.
4. Сите ги носат своите крстови и сите страдаат. Носењето на крстот не е типично само за христијаните. Не! Крст носат и нехристијаните или оние што не веруваат. Разликата е во тоа што на првите (христијаните) крстот им служи како лек и средство за здобивање на небесното Царство, додека на другите тој им е средство за мачење и казна. Со текот на времето кај првите носењето на крстот станува сѐ полесно и порадосно, за на крајот да се претвори во носење венец на слава; а кај другите тоа станува сѐ потешко и помакотрпно, за на крајот сите крстови на светот да се претворат во едно големо и неподносливо бреме, кое ќе ги притиска нивните глави и под кое вечно ќе страдаат. Но, зошто е тоа така? Затоа што едните го носат крстот со вера и предаденост на Бога, а другите роптајќи и хулејќи на Бога. Значи, христијаните, не само што не треба да ги избегнуваат крстовите, ниту да роптаат против нив, туку напротив, треба да Му благодарат на Исус Христос затоа што им ги пратил, и деноноќно да се заблагодаруваат затоа што им овозможил да бидат вброени меѓу Неговите крстоносци. Бидејќи, ако Христос не пострадаше за светот, никој од нас никогаш не би влегол во небесното Царство, без разлика колку страдања и маки претрпел; затоа што тогаш би страдале како осудени и отфрлени престапници на Божјата волја, без надеж и утеха. Вака, пак, и ако страдаме, страдаме за спасение, за искупување, со надеж и утеха дека ќе примиме награда.
О, милослив Господи, колку е голема Твојата љубов кон нас! О, Исусе Христе, колку се големи Твоите добри дела! Ти и самото зло во светот го насочуваш кон нас за наша полза и спасение. Христијанине! И самата благодарност кон Исус Христос те обврзува да одиш по Него. Исус Христос дошол на земјата заради тебе; заради тебе ја испил чашата на страдањата; зар ќе одбиеш да проголташ една горчлива капка, заради Него?
Свети Инокентиј Московски