„Богородице Дево, радувај се благодатна Маријо, Господ е со Тебе, благословена си Ти меѓу жените и благословен е плодот на Твојата утроба, зашто Го роди Спасителот на нашите души“
 
 
 
 
 

„Богородице Дево, радувај се благодатна Маријо, Господ е со Тебе, благословена си Ти меѓу жените и благословен е плодот на Твојата утроба, зашто Го роди Спасителот на нашите души“ (12.10.2013)

О, нелажно ласкање, радост на ангелите! О, прекрасно чудо! Неискажлива љубов, море на милосрдието и милост кон човечкиот род! Заедно со архангелот Гаврил Те величаат сите земни и ние, недостојните, со нечистите свои усти си дозволуваме побожно и со страв да ја опееме Твојата големина!

 

Богородице Дево, радувај се благодатна Маријо, Господ е со Тебе. Душата јасно ја чувствува смислата на овие молитвени зборови: Дева, неискажливо најчистата Гулабица, заради спасението на човечкиот род зачна и Го прими во утробата несместливиот Бог. Со Тебе е Божјата благодат, со Тебе е Самиот Господ, во Тебе е сета сила и слава, и како ние, земнородните, да не Те величаме Тебе, опеаната од ангелите и сите светии.

 

Очите на мојата душа ја гледаат и радоста на самопрославувањето на Богородица, кога Таа на светата и праведна Елисавета ѝ ја запеала својата песна: „Мојата душа Го велича Господ, и мојот дух се израдува во Бога, мојот Спасител“.

 

Со посредство на Божјата Мајка, Господ, и на нас грешните, ни праќа радост, особено чувствена после покајничките солзи, за време на срдечната молитва, после победата над себе, над своите страсти, како да ни праќа награда за душата – радост и умиление.

 

Благословена си Ти меѓу жените и благословен е плодот на Твојата утроба. Божјата Мајка, од создавањето на светот, среде соборот на жените е над сите благословена и на сите им е Мајка. Таа во својата утроба Го прилима благословениот Плод – несместливиот Бог, со посредство на Светиот Дух и благата вест од архагелот Гаврил.

 

Зашто Го роди Спасителот на нашите души. Пресвета Богородица Го родила Божјиот Син – Исус Христос. При Рождеството на Спасителот на светот – својот Син и Бог, ја зачувала девственоста и засекогаш останала Дева. О, прекрасно чудо! И затоа Таа се именува Богородица и Дева.

 

Преку Неа Бог ја откри тајната за Воплотувањето на Својот Син, Кој преку крсните страдања го спаси човековиот род од гревот, проклетството и смртта. Со својата послушност Исус Христос ја задоволи Божјата правда, го отстрани проклетството од човечкиот род, до кое дојде поради Адамовата непослушност. Преку Божјата Мајка дојде спасението на светот. Таа е нашата прва Застапничка и Посредничка пред својот Син и Бог; сѐ гледа, сѐ слуша и во сѐ видливо ни помага.

 

Свети Сава Псковско-Печерски