Нашата молитва нека биде насочена кон тајното обожение (16.10.2013)
Човекот треба да ги знае потребите на својата природа, т.е. дека постои законот на човековата природа на едната и тиранијата на страстите на другата страна. Тиранијата на страстите доведува до самоволно оддалечување од човековата природа. Првиот (законот на природата), ги задоволува природните човекови потреби, а другиот (законот на страстите), ја изопачува човековата природа, која првобитно била создадена како чиста и непорочна. Законот на човековата природа е таков што со дејството на умот се чува нашето битие... и кога Му принесуваме молитва на Господ, таа е чуена и Бог наместо еден ни подарува два благодатни дара: простување на минатите гревови и спасение од идните, не допуштајќи да паднеме во искушение, ниту лукавиот да нѐ пороби, бидејќи им ги простуваме гревовите на другите.
Значи, ако сакаме да се избавиме од лукавиот и да не паднеме во искушение, треба да се потпреме на Бога и да им ги простуваме долговите на нашите должници, затоа што: „Ако не им ги простите грешките на луѓето, ниту вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“. Да правиме така, за не само да ни бидат простени гревовите, туку и за да го победиме законот на гревот, не паѓајќи во искушение и победувајќи го ѓаволот (родителот на гревот), молејќи се за спасение под раководство на Господ Христос, Кој го победи светот, и Кој нѐ наоружа со Своите заповеди, учејќи нѐ да ги отфрлиме страстите и незаситно да се стремиме кон Него, како Леб на животот, Премудрост и Правда, преку исполнувањето на волјата на небесниот Отец, Кој нѐ направи сослужители на ангелите, кои, пак, ни го објавија небесниот поредок на животот, благоугоден на Бога. И затоа (поради сличноста со ангелите), ние се вознесуваме кон Бога, кон Отецот Кој нѐ научи да бидеме заедничари со Божјата природа преку причестувањето со благодатта на Светиот Дух, со што стануваме Божји чеда, и се облекуваме во Самиот Создател на таа благодат... од Кого, преку Кого и во Кого имаме и ќе имаме вечен живот.
Нашата молитва нека биде насочена кон тајното обожение за да објавиме какви нѐ направи воплотувањето на еднородниот Син, и каде нѐ вознесе моќната десница на Човекољубецот, нас кои сме пониски од најниското, нас кои сме притиснати со тежината на нашите гревови. Уште повеќе да Го возљубиме Оној што така премудро ни го подготви спасението, покажувајќи на дело, дека нашата молитва е чуена, покажувајќи ни дека Го имаме Бог за Отец, а не лукавиот, кој со посредство на страстите, секогаш се обидува тирански да владее со нас и кој наместо во живот, нѐ води во смрт. Бидејќи секој од двајцата (и Бог и Неговиот непријател – ѓаволот) на оние што им се предаваат им го даваат своето: Бог им дава вечен живот, а ѓаволот им дава смрт на оние што му се предаваат под дејството на искушенијата.
„Бдејте и молете се за да не паднете во искушение.“ За оние што се цврсто заковани со клинците на гревот, спасносни се зборовите на големиот апостол Јаков, кој повикува: „Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливост: трпеливоста, пак, нека ги усовршува вашите дала за да бидете совршени“.
Познавајќи ја измамата на ѓаволот, ние треба да се молиме (кога станува збор за волево искушение) за да не отпаднеме од богољубивата настроеност; а кога Бог ќе допушти да паднеме во неволно искушение треба храбро да трпиме и да Му се молиме на Создателот. Никој нека не се соблазнува од прелестните сласти на лукавиот за во идниот живот да се спасиме од вечните маки и да бидеме причесници на неискажливите богатства, кои сега делумно ги гледаме во нашиот Господ Христос, Кој се слави со Отецот и Пресветиот Дух.
Свети Максим Исповедник