За благодарењето
 
 
 
 
 

За благодарењето (18.10.2013)

Зборовите со кои апостолот им се обраќа на солуњаните и го објавува законот на животот не им се упатени само на оние што секојдневно биле во негова близина, бидејќи ползата од нив се распространува на целиот човеков род. „Секогаш радувајте се; Молете се непрестајно; Благодарете за сѐ“. Што значи „радувајте се“ и каква е ползата од радувањето? Како е можно да се добие непрестајната молитва и да Му се багодари на Бога за сѐ?

Ние треба да ги подражаваме оние што се соединиле со Бога со оглед на тоа дека животот го минуваат во радост, дури и кога се наоѓаат во огнена печка, дури и кога се затворени со лавови, дури и кога се проголтани од кит. Бидејќи, тие не се жалат од сегашното, туку се радуваат поради надежта во она што за нас се чува во вечноста. Мислам дека добриот подвижник, кој еднаш стапнал на боиштето на побожноста, треба достоинствено да ги поднесува ударите од противникот, надевајќи се на славата која ќе дојде при примањето на венецот. Оние што се навикнале на напорните борби со телесното не се колебаат поради болните удари, туку продолжуваат да се борат со противникот со желба да ги прогласат за победници, презирајќи ги моменталните напори.

Блажени се оние што плачат, затоа што ќе се утешат и насмеат. Под смеа не се подразбира звукот што излегува од устата поради немирната крв, туку чистата радост, која не е помешана со ништо спротивно. Апостолот допушта да плачеме „со оние што плачат“, со оглед на тоа што солзите на некој начин се семе и залог за вечната радост. Вознеси го својот разум и погледни ја состојбата на ангелите. Дали ним им доликува поинакво расположение од радоста и благодушноста, затоа што тие се удостоени да стојат пред Бога и да се насладуваат со неискажливата убавина на славата на нашиот Творец? Поттикнувајќи нѐ на таков живот, апостолот ни заповедал секогаш да се радуваме.

Значи, ако негогаш ти се случи нешто непријатно, пред сѐ, среди го својот разум и немој да се препушташ на смутот. Потоа, олесни си ја сегашноста со надежта во иднината. Оние што имаат болни очи го тргаат погледот од премногу светлите појави, смирувајќи ги очите со гледање во цвеќиња и зеленило. На душата не ѝ треба постојано да гледа во несреќата, ниту да се препушта на сегашните неуспеси. Напротив, таа својот поглед треба да го насочи на согледувањето на вистинските богатства. Доколку твојот живот секогаш биде насочен кон Бога, постојано ќе бидеш во состојба да се радуваш и надежта за наградата ќе ти ги олеснува животните неуспеси. Дали си обесчестен? Погледни на славата на небото која е подготвена за трпението. Дали си претрпел загуба? Подигни го погледот кон небесните богатства и она што го собираш со добрите дела. Дали си прогонет од татковината? Меѓутоа, твојата татковина е небесниот Ерусалим. Дали си изгубил деца? Имаш ангели со кои ќе се веселиш околу Божјиот престол и ќе се радуваш со вечна радост. Доколку на сегашните несреќи им се спротивставиш со очекуваното богатство, ќе ја сочуваш безгрижноста и ќе го избегнеш очајот на душата, на што нѐ повикува и апостолскиот закон. Успехот во светските работи нека не предизвикува неумерена радост во твојата душа и несреќите, тагите и неуспесите нака не ја понижуваат нејзината бодрост и возвишеност. Доколку не си воспитан на наведениот начин да гледаш на животните ситуации, никогаш нема да живееш без потреси и смут. Преку реченото лесно ќе успееш, доколку до себе ја имаш заповедта која те советува секогаш да се радуваш, доколу го протераш телесниот неспокој и собереш душевна радост, доколку ги надминеш сегашните впечатоци и ја насочиш мислата кон надежта во вечните богатства. Бидејќи, и самата помисла за нив е доволна душата да се исполни со веселба и во нашите срца да се всели ангелската радост во Исус Христос, нашиот Господ, Кому Му доликува вечна слава и сила. Амин.

Свети Василиј Велики