За Божјиот закон и законот на гревот
 
 
 
 
 

За Божјиот закон и законот на гревот (20.10.2013)

Божјото е добро и предобро; таква е и Неговата волја. Затоа што она, што Бог го сака е доброто. Законот е заповед која учи, поучува за тоа дека ние, исполнувајќи го, ќе бидеме во Светлината; и дека неисполнувањето на законот, пак, е грев. Гревот происходи од предлогот на ѓаволот, и нашето, непринудно и доброволно прифаќање на истиот. Така и гревот се нарекува закон. И така, Божјиот закон, влегувајќи во нашиот ум, го привлекува кон себе и ја буди нашата совест. А нашата совест, исто така, се нарекува и закон на нашиот ум. Од друга страна, предлогот на лукавиот, т.е. законот на гревот, влегувајќи во деловите на нашето тело, делува на нас. Затоа што, еднаш произволно престапувајќи го Божјиот закон и потпагајќи под предлогот на ѓаволот, ние му отвораме пристап (до нас), предавајќи му се на тој начин самите себеси на гревот. Од тој момент, нашето тело многу лесно се вовлекува во грев. Затоа, чувството за грев, втемелувајќи се во нашето тело, преку сладострастието и сетилното задоволство, се нарекува закон на членовите на нашето тело. Законот на мојот ум, т.е. совеста, сочувствува со Божјиот закон, односно со заповедите, и ги сака. Законот на гревот, пак, односно предлогот преку законот, кој се наоѓа во членовите, или преку сладострасноста, сетилната склоност и раздвижувањата, и преку неразумниот дел на душата, се спротивставува на законот на мојот ум, т.е. совеста, и иако јас го сакам Божјиот закон и го љубам, а гревот не го сакам, ме поробува со посредство на помислите и членовите на моето тело, и преку пријатноста на задоволствата, преку телесните стрсти и, како што реков, неразумниот дел на душата, ми ласка и ме убедува да станам роб на гревот. Но, поради немоќта на законот, која произлезе од законот на телото, Бог Го прати Својот Син во гревовното тело. Тој прими тело, но без грев; го осуди гревот во телото, за да се исполни оправданоста на законот, не преку оние што живеат според телото, туку според Духот (Рим. 8, 3-4). Затоа што Духот ни помага во нашите немоќи (Рим. 8, 26) и му дава сила на законот на нашиот умот против законот, кој се наоѓа во деловите на нашето тело. Така се исполнува смислата на овие зборови: „бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Самиот Дух посредува за нас со неискажливо воздивнување“, т.е. нѐ учи за што треба да се помолиме.

Затоа е невозможно да ги исполниме Божјите заповеди, освен преку молитвата и трпението.

Свети Јован Дамаскин