За Светите и страшни Христови Тајни
 
 
 
 
 

За Светите и страшни Христови Тајни (21.10.2013)

Светата Причест се нарекува Тајна затоа што таа не е само она што ние го гледаме, туку и нешто духовно и несфатливо, бидејќи Господ токму за тоа вели: „Духот е тој што оживува; телото ништо не помага“ (Јован 6, 36). Ако гледаш само на она што е видливо, тогаш не си добил никаква полза. Ако, пак, гледаш духовно, т.е. ако Лебот што е пред тебе го гледаш на духовен начин, тогаш, кога ќе се причестиш и ќе се оживотвориш. Тој не е „храна што се расипува, туку вечна храна“ (Јован 6, 27), вистински Леб, „Кој слегува од небото, и му дава живот на светот“ (Јован 6, 33). Тој што нема да вкуси од Него, нема ни да живее, а тој што ќе Го вкуси вечно ќе живее, и не само што ќе воскресне, туку и ќе ги избегне вечните маки и ќе биде во вечното Царство. Господ за Лебот на Своите ученици не им зборувал само на Тајната вечера, туку и јавно, поучувајќи во синагогата, најавил за тоа: „лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што го предавам за животот на светот“ (Јован 6, 51) и: „ако не го јадете Телото на Синот човечки и не ја пиете Неговата Крв, нема да имате живот во себе. Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, има вечен живот (Јован 6, 53-54)“. О, какво чудо, о, каква големина на љубовта која Бог изобилно ја излил на нас! Нѐ препороди со Духот, а ние станавме еден дух со Него, како што вели Павле: „Кој се соединил со Господ, еден дух е со Него“.

За да бидеме едно со Него, не само по дух, туку и по тело, за да бидеме тело од Неговото Тело и коски од Неговите коски, Тој со посредство на овој Леб, не дарувал за да се соединиме со Него. Секоја љубов ја достигнува својата исполнетост во соединувањето, а својот почеток го има во сличноста. Заради тоа и постои онаа стара изрека: „Каде што е сличноста, таму е и љубовта“... „Оваа Тајна е голема, а јас зборувам за Христос и за Црквата“, вели божествениот Павле. Овде се вели: „ќе се прилепи“ и „ќе биде едно тело“, но не и еден дух. Ние не само што се поврзуваме (прилепуваме), туку преку причестувањето со овој Божји Леб и се соединуваме со Христос, станувајќи едно тело, но и еден дух со Него. Гледаш ли дека големината на оваа љубов кон нас се исполнува преку Лебот и оваа Чаша? Затоа, во псалмот се вели: „жртви и приноси Ти не сакаш, но телото ми го подготви“ (Пс. 39).

О, колку разнообразна и несфатлива заедница! Христос стана наш Брат, „имајќи со нас заедница во телото и крвта“ (Евр. 2, 14), и со тоа нам ни се вподоби. Нѐ здоби како вистински слуги и нѐ спаси со Својата Крв. Нѐ направи Свои пријатели и нѐ удостои со откривање на овие Негови Тајни. Сврзувајќи нѐ, свршувајќи нѐ со Себе, како младоженецот невестата, преку причеста со оваа Крв, Тој стана едно тело со нас. Меѓутоа, поради Божјото Крштение во Него, Тој стана и наш Татко, и нѐ храни од Своите гради, како што мајката го храни своето доенче и, она што најмногу воодушевува, Тој наместо со млеко нѐ храни со Својата Крв, но и со Своето Тело, и не само со Телото, туку и со Духот. Благодењето што ни го даде никогаш не се намалува и тоа нѐ вознесува кон вечната љубов и ни дава нејзино исполнување, но не само со тоа што ќе Го видиме, туку и со тоа што секој од нас ќе Го допре и ќе се насладува со него, вкоренувајќи Го во срцето и задржувајќи Го во себе, во својата душа. Пријдете, вели, јадете го Моето Тело и пијте ја Мојата Крв, вие кои сакате да имате вечен живот, небесни цареви кои сте се облекле во Мене, Царот и Бог, страшен за демоните, чудесен за ангелите, вие љубени синови на небесниот Отец, вечноживите синови, достојното семејство на највозвишената Троица.

Свети Григориј Палама