За да го здобиеме обожението, треба секогаш да бидеме свети
 
 
 
 
 

За да го здобиеме обожението, треба секогаш да бидеме свети (26.10.2013)

Во својата немудра историја, човекот предизвикал два безобѕирни (дрски) бунта. Првиот го направил против својот создател Бог, а вториот против самиот себе и својата природа.

Не постои друг пат освен спасението, освен искрената исповед, за да се воспостави она што преку овие два бунта е изгубено. Враќањето кон Бога зависи од ова толку, колку што и во природните дисциплини е потребно строго вежбање. Нашето ослободување од насилството на беззаконието, кое поради нашата лоша постапка ни е наметнато како втора природа, не може да биде постигнато без подвиг. Ова е причината поради која Отечкиот пат, и воопшто строгиот подвиг, се неопходни.

Еден вид на овој бунт на човековата природа, опишува и пророкот Давид: „И човек што живее неразумно, заприлега на животните што загинуваат (Псалм 48, 12). Ете ја полнотата на нашата погибел, во целата своја големина! Ако човекот, со сите свои сили не ѝ се спротистави на својата бесмислена состојба, умира со двојна смрт. Строгоста во подвижничките напори кај Отците го изразува исправањето на несреќата, која врз нашата природа била навлечена поради отфрлувањето на Божјата волја.

И покрај сите правила на природниот закон, нашата словесна природа има една друга обврска. Да се вподоби и сообрази со Господовиот живот, како свој пример (прототип). Сите сведоштва за добродетелниот живот на нашиот Господ, го имаат за цел нашето усовршување, за да го спознаеме активниот начин за остварување на нашите должности, затоа што после падот сме во целосно отпадништво. А законот за оздравување, повеќе од сѐ, наложува враќање и должност во љубовта.

Иако нашата потполна вина и одговорност нѐ обврзуваат да чувствуваме колку сме должни, животот во Христос ни открива дека нашиот Спасител и Бог, се однесува кон нас како да сме еднакви со Него. Последицата од тоа е дека ништо не нѐ приморува на сила. Самиот вели: „Каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга“, со претпоставка дека слугата ќе Го следи до крајот „сѐ до Крстот“. Оние што го примаат спасението, ова не треба да го разберат како метафора во некоја приказна, туку како пат кон обожението. Меѓутоа, тоа обожение во потполност зависи од нашата насоченост во животот, во кој, за да го здобиеме обожението, треба секогаш да бидеме свети.

Многупати, Отецот, во Светото Писмо повторил и докажал дека Христос е Неговиот љубен Син. Меѓутоа, Христос вели дека сите оние што ја извршуваат волјата на Отецот, Тој (Отецот) ги љуби како и Својот Син: „Но не се молам само за нив (апостолите), туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене... и славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов... и да дознае светот... дека и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби. Отец, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал... и им го објавив Твоето име, и ќе го прославувам, за љубовта со која Ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив“ (Јован 17, 20-26).

Ваквите зборови, кои во целата човекова историја никогаш не се чуени од уста на созданијата, можат да бидат разбрани единствено како зборови на никој друг освен на Самиот Бог, односно дека за тоа не е потребно никакво дополнително истражување или потврда. Јасно е, особено во ова наше време, колку е намалена и искривена вистината за Божјото откровение во човековата егзистенција и неговата конечна назначеност. Тоа е вистинско непознавање на секоја причина за неговото достоинство и неговата победа. Од човекот се бара особено внимание и трезвеност, за да ја исполни својата определеност, бидејќи во него се обновува и сета создадена природа, која паднала во распаднивост. Зашто, според Господовите зборови: „каква е ползата за човекот, ако целиот свет го здобие а на својата душа ѝ наштети?“ Навистина, „целиот свет е во зло“. Злото се состои во тоа што човекот е поробен од гревот. Воспоставувањето на човекот, и неговото спасение од состојбата во која се наоѓа, неговото враќање во состојбата пред падот, и повеќе од тоа, влезот во „секоја благодат“, во Божјиот живот, во преобразувањето, во обожението - поради кое и се остварило воплотувањето на Божјот Син - зависи од соработката (синергијата, содејството) помеѓу Бог и човекот.

Овде повторно ќе подвлечеме, заради оние што го љубат сезнаењето, дека без подвиг на вистинското место, ништо не може да се поправи. Затоа што Бог е една непроменлива и потврдена Вистина. Бог сака „сите луѓе да се спасат и да ја спознаат Вистината“. Меѓутоа, за бедниот човек, реалноста е безизлезна, и тој не може да биде исцелен единствено со трпеливиот подвиг. Ете зашто Црквата во време на прогонот ги востановила отшелништвото и осаменоста. Слабиот и наклонетиот кон злото, човек, немоќен да ги совлада сегашните причини поради кои е постојано во борба, избрал да се одвои од самите тие причини.

Сеќавањето на нашиот Господ, кај сите оние што сакаат да се борат за да се овенчаат (победат), и јасното упатство за достигнување на највиското достоинство во кое нѐ водат Христовите дарови, се откриваат во Неговата заповед: „бидете совршени, како што е совршен нашиот небесен Отец“ и „бидете свети, како што сум свет и Јас“. Целта е ослободување од елементарната смрт и остварување на Божјите ветувања. Со текот на времето, борците и оние што биле ревносни во натприродните тајни, со својата душа ја здобиваат љубовта преку трпението, во кое се крие смислата на Крстот, и здобиваат воскресение и посинување – полнота во Божјите дарови.

Старец Јосиф Ватопедски