До совршенството се доаѓа со борба (04.11.2013)
Човекот, според својата природа, сака да биде совршен, но тоа му е дадено и како задача. Спасителот рекол: „Бидете совршени како што е совршен и вашиот небесен Отец“. Во што се содржи совршенството? Има луѓе кои мислат дека тоа се содржи во постот, бдеењето, поклоните, спиењето на гола земја, кажувањето многу молитви во домот и на богослужбите во црквата. Други, пак, тврдат дека тоа се состои во таканаречената умна молитва, осаменоста, пустината и монаштвото.
Всушност, сите тие добродетели и сите тие подвизи самите по себе не претставуваат совршенство, туку се средства за неговото достигнување.
Совршенството се содржи во приближувањето кон Бога и во животот во единство со Него. А дека подвизите и добродетелите се само средства, и тоа реални, тоа е несомнено. Светите луѓе нив ги користат за со помош на истите да ја совладаат својата грешна природа и да им одолеат на главните непријатели: телото, светот и лошиот дух. Постат за да го скротат телото, бдејат за да го изострат духовниот вид, спијат на гола земја за да го победат сонот, го поминуваат времето во молчење и се оддаваат на осаменичкиот живот за да ја избегнат и најмалата причина да направат нешто со што би Го навредиле Бога, се молат, стојат на богослужбите и прават други побожни дела за вниманието да не им се одвојува од мислите насочени кон небото.
Никако не треба да се заборави дека тие добродетели можат на оние што во нив ја положуваат сета своја надеж да им нанесат голема штета. Не самите по себе, бидејќи тие се свети, туку поради грешката на оние луѓе кои неправилно ги користат. Обрнувајќи внимание само на надворешните дела, тие го оставаат срцето да оди по своите желби и по желбите на лошиот дух, кој, гледајќи дека скршнале од вистинскиот пат, не им забранува да се подвизуваат, туку и ги наведува телесните подвизи, поради суетата, уште повеќе да ги зголемуваат. Чувствувајќи притоа изесни духовни утехи, тие луѓе почнуваат да мислат дека се издигнале до ангелите, понекогаш, пак, вдлабочувајќи се во размислувањето за извесни високи, надземни вистини, си замислуваат дека сосем излегле од овој свет и се издигнале до третото небо.
Но, колку тие грешат и колку далеку од нив стои вистинското совршенство, може секој да види ако погледне на нивниот живот. Тие обично сакаат во сите ситуации луѓето да ги сметаат за повисоки од останатиот свет, сакаат да живеат според сопствената волја и секогаш се упорни во своите одлуки, слепи се да ги видат своите грешки, но се многу остооки и ревносни во изобличувањето на туѓите зборови и дела. Не можат да поднесат кога луѓето некому му укажуваат почит, затоа што мислат дека тоа им припаѓа само ним. Ако некој им пречи во побожните активности и подвизи, веднаш се вознемируваат, гневат и веќе не личат на себе. Ако Бог, сакајќи да им помогне да се спознаат себеси и да ги насочи на вистнскиот пат, им праќа страдања и болести, или допушта да бидат изложени на гонења преку кои Тој обично испитува кои се Неговите вистински слуги, тогаш се покажува што се криело во нивното срце и колку тие луѓе се длабоко разриени од гордоста. Бидејќи, какви неволји и да им се случат, тие нема да ја свијат главата пред Божјата волја и да се препуштат на Неговите праведни судови, ниту сакаат по примерот на Оној што се понижи и Кој пострада поради нас, да се понизат и себеси.
Тие луѓе се наоѓаат во голема опасност. Бидејќи им е помрачен умот, погрешно судат за себе. Гледајќи на своите надворешни побожни дела, мислат дека се добри и дека веќе го достигнале совршенството, се гордеат и ги осудуваат другите. Многу е тешко некој да ги насочи на вистинскиот пат, освен Божјата помош. Полесно е да се обратат јавните грешници, отколку оној што се крие зад надворешните добри дела.
Значи, духовниот живот и совршенството не се содржат само во надворешните добри дела, туку, како што веќе кажавме, во приближувањето кон Бога и во единството со Него. Со тоа е неразделно поврзано сознанието за својата недостојност и наклонетоста кон секое зло, љубовта кон Бога и отсуството на љубовта кон себе, смирувањето не само пред Бога, туку и пред сите созданија, целосното одрекување од сопствената волја и совршената покорност на Божјата.
Можеби сакаш да се потрудиш да го достигнеш совршенството? Нека е благословена твојата намера. Но, уште при првите чекори подготви се за труд, пот и борба. Мораш сѐ да Му принесеш на Бога како жртва и да ја исполнуваш единствено Неговата волја. Во себе ќе наидеш на многу желби кои бараат да бидат задоволени, без оглед дали тоа е согласно со Божјата волја или не е. За да ја постигнеш целта која си ја поставил пред себе, потребно е уште во почетокот на подвигот да ги задушуваш своите желби, а на крајот и сосем да ги изгасиш. Мораш постојано да се бориш со себе и со сите што ги поддржуваат твоите желби. Подготви се за таква борба и знај дека венецот им се дава само на храбрите борци.
Колку таа борба е потешка од сите останати – бидејќи кога се бориме со себеси го наоѓаме противникот внатре во себе – толку победата е пославна од сите останати, и што е најважно, таа Му е најугодна на Бога.
Ако сакаш од таа борба да излезеш како победник, неопходно е строго да се придржуваш до овие правила:
1) Никогаш и за ништо не се надевај на себе;
2) Секогаш во срцето имај цврста надеж во Бога;
3) Непрестајно подвизувај се;
4) Постојано моли се.
Свети Никодим Агриорит