За нас нема друго спасение освен Исус Христос
 
 
 
 
 

За нас нема друго спасение освен Исус Христос (06.11.2013)

Во нас се води духовната војна, онаа многу потешката и поопасната од видливата. Затоа побожниот подвижник треба да „трча кон наградата на повикот од горе“, со својот ум, за во своето срце целосно да го внесе размислувањето за Бога, како некој бисер или скапоцен камен. Потребно е да се остави сѐ, дури и телото, и да се презре овој сегашен живот, за во срцето да Го здобиеме и вселиме единствено Господ.

 

Уште од утрото треба машки и непоколебливо да се стои на портите на срцето, со крепко сеќавање на Бога и секогашприсутната во душата Исусова молитва и да се сотрат со умно стражарење „сите земни злосторници“. А тоа значи, со восхит и непрестајни мисли кон Бога да се исечат главите на силните, заради Господ, и зачетоците на непријателските помисли, кои нѐ напаѓаат.

 

Со полно право трезвеноста на умот се нарекува пат што води во Царството, во она што е во нас и она што ќе дојде; со право се нарекува и духовна активност, бидејќи ги обработува и обелува навиките на умот и страсните нагони ги претвора во бестрасни. Таа личи на светлосен отвор преку кој Бог доаѓа и го просветлува умот.

 

Таму каде што е смирението, размислувањето за Бога, составено од трезвеност и будност (стражарење) и честа молитва насочена кон непријателот, ете тука се наоѓа Божјото место или срдечното небо на кое демонската војска не смее да пресојува, затоа што таму живее Бог.

 

Првата порта која воведува во духовниот Ерусалим, во будното стражарење над умот, е свесното молчење, па макар умот и да не ја достигнал тишината. Втората порта е умереното воздржување од храна и пијалаци, а третата е непрестајното сеќавање на смртта, кое ги чисти умот и телото.

 

Во природата ни е сласното размислување за Бог, т.е. Исус, пропратено со срдечен гнев и спасителна огорченост (кон сѐ што е грешно), за да ги сотре сите опасни помисли, замисли, зборови, фантазии, мрачни виденија; со еден збор, сѐ она со што нечестивиот се наоружува и фали, сакајќи да ги проголта нашите души. Затоа што, кога ќе Го повикаме Исус, Тој со леснотија го спалува сето тоа. За нас нема друго спасение освен Исус Христос. И Самиот Спасител рекол: „Без Мене не можете ништо да направите“.

 

Секој час и секој миг треба да бидеме што похрабри на стражата над своите срца, чувајќи ги од помислите што го затемнуваат духовното огледало, чие природно својство е во него да се огледа и со светли букви да се запише Исус Христос, Кој е мудрост и сила на Бог Отецот. Непрестајно да го бараме во внатрешноста на срцето небесното Царство; и таму ќе го најдеме и бисерот, и квасецот, на таен начин – само ако го исчистиме окото на својот ум. Затоа и рекол нашиот Господ Исус Христос: „Божјото Царство е внатре во вас“.

 

При водењето на внатрешните духовни борби, вака постапувај: соедини ја молитвата со трезвеноста и тие меѓусебно ќе се појачуваат. Трезвеноста, постојано вимавајќи на сето она што се случува во внатрешноста на срцето, забележува како непријателите се обидуваат да влезат во него, и веднаш Го повикува на помош Господ Исус Христос, Тој да ги избрка тие лукави напаѓачи. Притоа, будното стражарење им го попречува патот, а молитвено повиканиот Исус ги прогонува демоните заедно со сите нивни фантазии.

 

Многу треба да се внимава на својот ум. Кога ќе забележиш помисла, спротивстави ѝ се, и веднаш, во истиот миг, повикај Го Христос за помошник. А слаткиот Исус, уште додека Му зборуваш, ќе рече: „Еве Ме да те заштитам!“ Кога молитвата ќе ги смири сите овие непријатели, ти и понатаму стражари и внимавај на својот ум. Затоа што, повторно ќе надојдат уште поголеми бранови од помисли, насочени кон тебе, сѐ додека душата не заплива во нив. Но ете Го повторно Исус Кој го буди својот ученик и Кој, како Бог, им заповеда на злите ветрови на помислите да се стишат! А ти, ослободен од нив, секој час и миг прославувај Го Оној што те спасил, и размислувај за смртниот час.

 

Со целосна будност на срцето и духовно чувство, да го изодиме својот подвижнички пат. Зашто, кога иднината секојдневно се соединува со молитвата, тие се движат слично на огнените коли на пророкот Илија, вознесувајќи го во небесната висина оној што ги поседува. Што зборувам!? Оној што ја здобил трезвеноста на умот, или кој се труди ја да добие, со чистото срце се преобразува во духовно небо со сонце, месечина и ѕвезди – станува престојувалиште за несместливиот Бог, според тајното боговидение и вознесение.

 

Преподобен Филотеј Синајски