За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (12.11.2013)

Заоѓањето на сонцето е почеток на ноќта; кога Христос ја напушта душата, тогаш неа ја совладува темнината на страстите, а ѕверовите ја растргнуваат. Кога, пак, ќе засветли сонцето, ѕверовите се кријат во своите дувла; кога Христос ќе засветли на тврдината на молитвениот ум, секоја световна навика исчезнува, заљубеноста во телото се губи и умот излегува за своето дело, т.е. ги проучува Божјите работи „до вечерта“ (Псалм 103, 23).

 

Воздржувај се од разговорите и бори се со внатрешните помисли, сѐ додека на го пронајдеш местото за чиста молитва, и домот во кој живее Христос, Кој те просветлува и засладува со богопознание и со Својата посета.

 

Отпечатоците во снегот, кога ќе ги осветли сонцето изчезнуваат, или водата ги уништува. Истото се случува и со сеќавањата, издлабени во умот, преку сластољубивите дела: Христос ги уништува, кога молитвата ќе засветли во срцето и ќе се појават солзите од умилението.

 

Честите молитви, во умот се пропратени со топло умиление, и ги бришат сеќавањата на минатите дела. Душите, просветлени со сеќавањето на Бога, со вера и покајничко срце, ги отсекуваат лошите сеќавања како со нож.

 

Кога ќе се осамиш, обиди се да влезеш длабоко во внатрешната стражарница на душата, која е Христов дом и во која вечно се присутни мирот, радоста и тишината. Духовното сонце Христос ги испушта овие дарови од Себе како зраци, и ги дава како награда за душата која со вера и добродетелна љубов Го примила.

 

Седејќи во својот дом, спомни си за Господ, ослободи го умот од сѐ и безгласно насочи го единствено кон Него. Пред Него излиј ги состојбите на твојата душа и прилепи се за Него со љубов. Размислувањето за Бога води кон боговидение: Тој го привлекува видот и стремежот на умот кон Себе и го просветлува со Својата Светлина. Кога умот Му се враќа на Бога, бидејќи во него ќе се стивнат сите претстави, тогаш тој здобива боговидение и го осветлува својот духовен вид со надзнаењето на непристапната слава.

 

Молитвата е разговор на умот со Господ, при што се изговараат зборовите од молитвата, заедно со сета насоченост на умот кон Бога. Кога мислата непрестајно го изговара името на Господ и умот бдее над постојаното повикување на Божјото име, тогаш Светлината на богопознанието ја осенува целата душа, како некој светол облак.

 

Верувај ми, ти велам, навистина, ако секој труд биде пратен со молитва, мајката на сите богатства, таа нема да мирува сѐ додека не ти ја покаже небесната печка, додека не те воведе во неа и не те исполни со неискажлива слава и радост. Бидејќи, и покрај сите пречки, таа го исправа патот, заедно со добродетелите, и го прави удобен за оној што Го бара Бога.

 

Затоа, одејќи по патот на умното дело, изговарај ги зборовите од молитвата и разговарај со Господ, постојано колинечејќи и не препуштајќи се на мрзливоста. Моли се непрестајно и подражавај ја вдовицата која успеала да измоли од неумоливиот судија. Тогаш со духот ќе бегаш од телесните желби и нема да се грижиш, и нема да ја прекинуваш молитвата поради светските помисли. На тој начин, ќе станеш Божји храм во кој вечно Му се пее на Бога. Молејќи се така, ќе бидеш удостоен со постојан живот во Бога, ќе влезеш во скриената и непристапна длабочина на умот; со тајното боговидение ќе го гледаш Невидливиот, служејќи Му единствено на Бога, со сите сили на својот разум и со изливите на својата љубов.

 

Св. Митрополит Теолипт