Навистина е прекрасно ако душата биде удостоена да стане еден дух со Христос (15.11.2013)
Духовното дејство на Божјата благодат се појавува во душата благодарение на долготрпението, премудроста и тајната устроеност на умот, кога човекот долго се подвизува со големо трпение во текот на многуте години. Дејството на благодатта во него се појавува како совршено кога ќе се покаже дека неговата слободна волја, по многукратното испитување, Му е благоугодна на Духот и кога тој, со текот на времето, ќе се здобие со опит и долготпрение.
Навистина е прекрасно ако душата, целосно посветувајќи Му се на Господ се приврзе единствено за Него, постојано живеејќи со Неговите заповеди и достојно почитувајќи Го Христовиот Дух Кој слегол и ја осенил, биде удостоена да стане еден дух со Христос и да се соедини со Него, како што вели апостолот: „Кој ќе се соедини со Господ, еден дух е со Него“. Ако, пак, некој е предарен на грижите, или славата, или властољубието, или е посветен на човековите почести и успева да дојде до нив, ако неговата душа се поматува и затемнува со земните помисли, ако се препушта на нешто од овој век и ако истото господари со него, тогаш таа душа, дури и ако посака да се извлече од темнината на страстите, или ако се досети да ја истера од себе, нема да може тоа да го направи, затоа што (сепак) ја љуби и извршува волјата на темнината, односно му робува на порочниот начин на живот.
Според тоа, да се подготвиме со својата волја и со сите свои барања да тргнеме кон Господ и да станеме Христови следбеници, за да ја исполниме Неговата волја, исполнувајќи ги сите заповеди. Целосно да се оддалечиме од љубовта кон светот, да ја предадеме својата душа единствено на Христос, и тогаш нашиот ум единствено кон Него ќе се насочи, единствено за Него ќе се грижи и единствено Него ќе Го бара. Ако, поради телото, не вложиме доволно труд за исполнување на заповедите и послушанието кон Бога, тогаш нашиот ум барем нека не се оддалечува од љубовта кон Господ – од потрагата и стремежот кон Него. Подвизувајќи се со таков ум и одејќи по патот на правдата со правилни мисли, со внимателност кон себе, да го здобиеме ветувањето на Неговиот Дух и преку благодатта да се спасиме од пропаста во темнината на страстите со кои е обземена душата, и со посредство на тоа да станеме достојни за вечното Царство и да се удостоиме вечно да бидеме блажени со Христос, прославувајќи Ги Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Свети Макариј Велики