Ах, кога Бог би ни ја дал топлината во срцето и кога таа не би исчезнувала! (17.11.2013)
На јазикот нека ви биде Исусовата молитва, во умот – присуството на Господ пред себе, во срцето – копнежот за Бога или за општење со Господ. Кога сето ова ќе го имате, и кога ќе се втемели, Господ, гледајќи како се трудите ќе ви го даде она за што се молите.
Секоја молитва треба да излегува од срцето, а секоја друга не е молитва. И молитвите од Молитвеникот, и личните, и кратките, сите треба да излегуваат од срцето кон Господ. Таква треба да биде и Исусовата молитва.
Ме молите да ви објаснам (разјаснам) за делото на молитвата... Но овде нема што да се објаснува. Слези со умот во срцето пред лицето на Господ и коленичи и моли: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот!“ – Тоа ќе биде молитвениот труд. Доколку некој срдечно се труди, Господ, гледајќи го неговиот труд, ќе му ја даде духовната молитва која е плод на благодатта на Светиот Дух.
Ете, тоа е сѐ што треба да се каже и сфати за Исусовата молитва. Сѐ останато не се однесува на неа; така непријателот нѐ одвлекува од вистинската молитва.
Треба со внимание да се сосредоточиме во срцето и постојано да стоиме таму пред Господ. Тогаш ќе ја забележувате секоја ситница. Молете се, Бог ќе даде!
Сѐ додека постои ревност, ќе биде присутна и благодатта на Светиот Дух. Таа е оган. Огинот се одржува со дрва. Духовно дрво е молитвата... Штом благодатта ќе дојде до срцето веднаш се раѓа обраќање на умот и срцето кон Бога, т.е. семето на молитвата. Потоа доаѓа богомислието.
Божјата благодат, вниманието на умот и срцето ги насочува кон Бога и ги сосредоточува на Него. Бидејќи умот никогаш не мирува, како што се врти кон Бога, за Него и размислува. Оттаму потекнува сеќавањето на Бога, постојаниот сопатник на благодатната состојба... Сеќавањето на Бога задолжително води кон созерцание на Божјите совршенства и Божјите дела: благост, правда, избавување, суд и награда. Сето ова заедно е Божји свет или духовна област. Подвижникот постојано живее во оваа сфера. Ова е својствено за оној што се труди. Сакате ли да ја одржите ревноста? Одржувајте го пропишаното расположение... Секогаш имајте ги покрај себе духовните дрва и штом ќе забележите дека огнот на ревноста слабее земете некоја цепеница и обновете го духовниот оган. И сѐ ќе тргне на добро. Од сите тие духовни движења се постигнува стравот од Бога, стењето пред Него со страв во срцето. Станува збор за чуварот на благодатната состојба... Вдлабочете се во ова и добро размислете; вселете се во срцето... и непрестајно оживувајте ја во себе... и ќе бидете живи.
Ете, сѐ е тука. Ах, кога Бог би ни ја дал топлината во срцето и кога таа не би исчезнувала! Целата молитвена насоченост кон Бога би требало токму ова да го произведе. Но, сѐ е од Бога.
Срдечно исполнувајќи го правилото чувајте ја трезвеноста на умот и топлината во срцето. Кога последнава ќе почне да се намалува побрзајте да ја разгорите, знаејќи со сигурност дека штом ќе ја снема тоа значи дека половина од патот за отпаѓање од Бога веќе е поминат. Стравот од Бога е чувар и поттикнувач на внатрешната топлина, но потребно е и смирение, трпение, и верност на правилата, а пред сѐ трезвеност. Внимавајте на себе, заради Господ. Пазете да не заспиете, или ако сте задремале – разбудете се.
Схи-игумен Харитон Валаамски