Поуки за молитвата (18.11.2013)
Брате мој, моли се со устата сѐ додека Божјата благодат не те просветли да се молиш и со срцето. Тогаш во тебе на чудесен начин ќе се појави радост, и повеќе нема да се молиш со устата, туку со вниманието кое дејствува во срцето.
Името на Исус Христос, кое го изговараме во молитвата, во себе ја содржи суштествената и самодејствена сила. Значи, не се грижи поради несовршеноста и сувоста на твојата молитва, туку упорно очекувај ги плодовите од повторувањето на Божјото име.
Биди внимателен, затоа што ако си мрзлив и невнимателен во молитвата нема да напредуваш ниту во својот копнеж да Му бидеш предаден на Бога, ниту во здобивањето на мирот од помислите, ниту во спасението.
Континуитетот создава навика за молитвата која набрзо станува втора природа и често ги доведува умот и срцето до повисоко духовно ниво. Честата молитвата е единствениот начин да се достигне вистинската висина и чистата молитва. Таа е најдобриот начин и најсигурниот пат по кој човекот ќе стигне до крајниот стадиум на молитвата и спасението.
Секој од нас е способен да ја здобие внатрешната молитва, односно, да ја направи начин на своето општење со Бога. Тоа не нѐ чини ништо освен напорот да достигнеме безмолвие во длабочината на своето срце, и да се потрудиме, што е можно почесто, да го изговараме името на нашиот најсладок Исус Христос, Кој човекот го исполнува со неискажлива радост.
Внатрешното покајание и истражувањето на светот на нашата душа ни дава можност да ја спознаеме тајната на човекот, да ја почувствуваме благоста на самопознанието и да излиеме горки солзи поради нашите падови и слабоста на нашата волја.
Каде што дејствува молитвата, таму е Христос со Отецот и Светиот Дух - Пресвета Троица, едносушна и неразделна. Каде што е Христос, Светлината за светот, таму е и вечната Светлина на другиот свет, таму се мирот и радоста, таму се ангелите и светителите, таму е величественоста на Црквата. Блажени се оние што уште во овој живот се облекле во Светлината, односно во Христос, бидејќи тие веќе ја носат одеждата на вечноста.
Бидејќи Христос е Светлината, оние што не Го гледаат и што не веруваат во Него, мора да се слепи. Спротивно, оние што се стремет да ги оживотворат Христовите заповеди, чекорат во Светлината. Тие Го исповедаат Христос, Го почитуваат и Му се поклонуваат како на Бог. Секој што Го исповеда Христос, силата на изговарањето на Неговото име го крепи и потикнува да ја исполнува Неговата волја. Меѓутоа, ако ја немаме таа сила, тогаш е очигледно дека Го исповедаме само со устата и нашето срце е далеку од Христос.
Како што е невозможно да не се сопне оној што оди во темнина, така е невозможно да не згреши оној што сѐ уште не ја видел Божјата Светлина.
Дали молитвата е на твоите усни? Тогаш таму е благодатта. Меѓутоа, таа од устата треба да премине во умот и да слезе во срцето, а тоа бара многу време и труд. Јазикот мора да се намачи за да се спаси од секое празнословие и од своите падови, и мора да ја здобие навиката за молитва. Навиката не може да се добие без труд. За да дојде благодатта, мора да се појави смирението. После тоа, патот ќе биде чист. Молитвата ќе се прилепи за нашето дишење, а умот ќе се разбуди и ќе се соедини со неа. Со текот на времето страстите се уништуваат, помислите се повлекуваат, а срцето станува мирно.
Никогаш да не се измориш од враќањето на својот ум секогаш кога ќе залута. Бог ќе ги види твојата ревност и твојот труд и ќе ти ја прати Својата благодат за да те собере. Кога е присутна благодатта, сѐ се прави со радост и без напор.
Старец Ефрем Филотејски и Аризонски