Во духовниот подвиг огромна е помошта од непрестајното изговарање на Исусовото име во длабочината на срцето (20.11.2013)
Доколку со размислувањето за Бога на нашиот ум му ги затвориме сите излези, тој нема да има потреба за некое дополнително дејство со кое би била окупирана неговата постојана активност (скитањето), која му е својствена. Треба да му се даде единствено светото име на Господ Исус: со него целосно ќе ја успокои својата ревност за достигнувањето на поставената цел. Меѓутоа, треба да се знае, според зборовите на апостолот, дека никој не може да рече: Исус е Господ, освен преку Светиот Дух (1 Кор. 12, 3). Од нас се бара во внатрешноста на умот (кој се притеснува во себе) непрестајно да ги изговараме зборовите (Господи Исусе Христе...). Притоа, тој не треба да се оттргува од зборовите во какво било фантазирање. Оние што ова свето и преславно име непрестајно и мислено го држат во длабочината на своето срце ќе бидат во состојба да ја видат светлината на својот ум (јасните мисли или одреденото сознание за своите внатрешни движења). Освен тоа, доколку со внимание го држат во мислите ова преубаво име, сосем забележливо ја спалуваат секоја нечистотија која се појавува во душата. Затоа што, според зборовите на апостолот, Бог е огнот што го спалува секое зло (Евр. 12, 29). Поради тоа, Господ, најпосле, ја доведува душата до големата љубов кон Неговата слава. Бидејќи, задржувајќи се во топлото срце преку размислувањето на умот (за Бога), преславното име во нас создава навика непрестајно да ја љубиме Неговата благост. Имено, тогаш веќе нема ништо што би се појавило како препрека. Тоа е оној скапоцен бисер кој се здобива со продавање на целиот имот. И човекот спечалува неискажлива радост затоа што го нашол (Матеј 13, 46).
Само Светиот Дух е во состојба да го очисти умот. Зашто, ако не дојде Најсилниот и не го фати оној грабливец, она што е поробено никако нема да може да биде ослободено. Со сите добродетели, а особено со душевниот мир треба во себе да се успокојува Светиот Дух, за нашиот светилник на разумот постојано да свети. Затоа што, кога тој непрестајно свети во длабочината на душата, во умот стануваат очигледни и најмалите демонски предлози. Покрај тоа, тие стануваат немоќни и исчезнуваат, бидејќи ги изобличува светата и преславна Светлина. Затоа и апостолот вели: „Не гасете Го Духот“ (1 Сол. 5, 19), т.е. не ја нажалувајте (Ефес. 4, 30) благоста на Светиот Дух со лоши дела и помисли, за да не ви биде одземен сепобедничкиот светилник. Зашто, притоа не се гаси секогашприсутниот и животворен Дух, туку Неговото натажување или одвраќање придонесува нашиот ум да остане огорчен и туѓ на Светлината на познанието.
Блажен Дијадох