Ве молам со љубовта на нашиот Исус Христос да бидете мудри во вашето спасение (01.12.2013)
Пријдете, и мали и големи, и почетници и Старци, да се подигнеме со желбата за општа полза и да ја прифатиме најогнената ревност за спасение, да почнеме да го правиме она што ни доликува, да го бараме она што е благотворно. Да се исчистиме од секое плотско зло, да станеме избран сад станувајќи свети во духот, бегајќи од гревовните ситуации, не потклекнувајќи им на гордоста, непослушението, сластољубието. Да се стремиме кон збогатување со добродетелите на смирението, послушанието, чистотата и братољубието. Да ги отфрлиме далеку од срцето телесните и сластољубиви желби, да ги пресечеме односите кои ги допуштаат, не само надворешните, туку и внатрешните, т.е. да немаме кон еден брат поголема љубов отколку кон другите. Затоа што, таквата љубов е измамничка и не Му се допаѓа на Бога. Иако наизглед е братска, таа по суштина е сатанска.
Вие знаете колку замки има ѓаволот и колку се вешти неговите подметнувања. Од нив ќе се спаси само оној што ги исповеда помислите и желбите и има вера во својот раководител, пропратена со смирение и послушание. Оние што не одат по наведениот пат, паѓаат, а паѓале и порано. Оние, пак, што го следеле наведениот закон станале блескави светилници во светот, избегнувајќи го гревот и истребувајќи го ѓаволот со умртвување на своите желби.
Гледајќи на борбата што отсекаде се подига на нас, јас можам да ги кажам зборовите на апостолот: „Ни се даде трн во телото, ангел сатанин, да ни прави штети, за да не се превознесуваме“ (2 Кор. 12, 7), туку да се смируваме и, казнувани, да прибегнуваме под силната Божја рака, бидејќи надвор од тоа нема спасение. Доколку трудољубиво сфатиме дека сме за никаде без Божјата помош и посредиштвото на некој што нѐ раководи, и дека без нив не можеме ништо долично да направиме, во печката на нашите страсти, како некогаш во вавилонската печка, ќе слезе ангел и од нашето срце ќе го исфрли пламенот на похотта, и со духот на росата во нашите души ќе донесе дар на чистота. Затоа, да се смируваме, и нека бидат долу нашето мудрување и нашите очи. Нека се смири нашиот збор и нека се скрати многуглаголивоста, и милоста на човекољубивиот Бог ќе биде близу. Никој нека не биде неверен, ниту итар, ни расипан. „Никој нека не бара свое, туку ползата на ближниот“ (1 Кор. 10, 24). Целосно бидете светлина, искреност, вистински синови. Да се движиме како деца, како браќа, како сонаследници.
Преподобен Теодор Студит