Да бидеме исполнети со Светиот Дух! Во тоа е суштината на духовниот живот (02.12.2013)
Да бидеме исполнети со Светиот Дух! Во тоа е суштината на духовниот живот. Тоа е уметност, уметност над уметностите. Да ги рашириме рацете, и да се фрлиме во Христовата прегратка! Кога ќе дојде Тој, сѐ сме здобиле! Христос ќе преобрази сѐ во нас. Во нас ќе внесе мир, радост, смирение, љубов, молитва, способност за вознесување во духовните висини. Христовата благодат ќе нѐ обнови. Ако Му се обратиме со духовна жед, со копнеж, предаденост, љубов, Тој ќе ни даде сѐ.
Невозможно е без Христос да се поправиме. Без Него нема да бидеме во состојба да ги раскинеме оковите на страстите. Самите по себе не можеме да бидеме добри, „... бидејќи, без Мене не можете ништо да направите“. Колку и да се трудиме, во ништо нема да умаме успех. Единствено што треба да правиме – да Му се обратиме Нему и да Го засакаме „со целата душа“. Љубовта кон Христос, само таа ни треба! Таа е најдобриот лек против страстите.
Нема да станете свети со прогонување на злото. Не му обрнувајте внимание. Гледајте во Христос и Тој ќе ве спаси. Наместо да стоите пред вратите и да го бркате, презрете го. Ако од некоја страна се појавува злото, мирно, свртете се на другата. Со други зборови, доколку злото доаѓа да ви наштети, вие својата внатрешна сила насочете ја кон доброто, кон Христос. Помолете се со зборовите: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, Тој знае на кој начин и како да ве спаси. А кога ќе се исполните со добро, веќе нема да му се враќате на злото. И самите, со помош на Божјата благодат, ќе станете добри. А злото каде ќе си најде место? Тоа ќе изчезне!
Со Христос сѐ е можно. Во што се состои трудот и напорот да станеш добар? Работите се едноставни: повикувајте Го Господ, а Тој сѐ ќе преобрази во добро. Ако Му го дадете своето срце, нема да остане место за другите работи. Кога ќе се облечете во Христос, веќе нема да вложувате никаков напор за здобивање на добродетелите. Тој ќе ви ги даде.
Свети Порфириј Капсокаливиски