Во молитвата е неопходна едноставноста на срцето (03.12.2013)
Труди се да дојдеш до детската едноставност во односите со луѓето и молитвата кон Бога. Едноставноста е најголемо богатство и најголема добродетел кај човекот. Бог е совршено едноставен, затоа што е совршено духовен и совршено добар.
За време на домашните и соборните молитви, против ѓаволското лукавство и расеаноста на мислите, спомнувај си за едноставноста на Вистината.
Ѓаволот најчесто се вселува во нас преку една лажна помисла и грешна желба, а потоа делува во нас и нѐ онерасположува: толку е едноставен. Зар и Господ Бог не се вселува во нас преку една мисла и вистинска и света љубов, и живее со нас, и делува во нас, и ни станува сѐ? Според тоа, моли се без сомнеж, едноставно, т.е. со едноставно срце; како што е лесно да се мисли, така треба да биде лесно и молењето.
Без молитвите нашиот духовен живот и гладува, и жеден е, и умира.
Ништо не помага толку многу во успехот со добродетелите како честото беседење со Бога.
Кога ти самиот не си ја слушаш молитвата, како бараш Бог да ја чуе?
Кој во молитвата кажува премногу, тој не се моли, туку празнослови.
Апостолот сака во молитвите, не само да бараме, туку и да благодариме за она што го имаме. Затоа што, како ќе се моли за идното, оној што не знае да се заблагодари за минатото? Според тоа, треба да благодариме за сѐ, дури и за непријатностите. Тоа е, всушност, својствено за душата на благородниот човек.
Секој е должен непрестајно да коленичи: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“, без оглед дали јаде, пие, седи, патува, или прави нешто друго. Така името на Господ Исус Христос ќе слезе во срдечната длабочина, и ќе ја уништи змијата која сее зло во срцето, а душата ќе ја спаси и оживотвори. Непрестајно изговарај го Господовото име за срцето да Го проголта Господ и Господ срцето, и да станат едно.
Не го одвојувајте вашето срце од Бога. Секогаш во срцето чувајте го размислувањето за нашиот Господ Исус, сѐ додека Господовото име не се запечати во него. За ништо друго не размислувајте, туку само за тоа Христос да се прослави во вас.
Ве молам, браќа (јереи, монаси и благочестиви мирјани), никогаш не го прекинувајте молитвеното правило (со Исусовата молитва).
Свети Јован Златоуст