За Пресвета Богородица (04.12.2013)
Преку Неа се обнови остарениот од грев човечки род.
Преку Неа се отвори рајот, некогаш затворен поради прабабата Ева.
Преку Неа пламениот меч, откако се сврте, побегна и патот што водеше кон животворната храна се отвори.
Преку Неа беше уништено проклетството и процвета благословот. И откај што смртта се всели во нас, оттаму излезе бесмртниот живот. Зашто Таа стана ново небо, откако Го смести во себе Создателот на небото и на земјата.
Преку Неа се обожи човечката природа, откако Христос се всели во нејзината пресвета утроба.
Откако нашиот Бог нѐ виде паднати во смрт и распадливост преку измамата на ѓаволот, не можеше да го гледа според Својот образ создадениот човек, остарен и паднат во толкаво зло, туку во Своето милосрдие се смилува на нас, ги преклони небесата и слезе како некогаш дождот на руното, се всели во утробата на Дева и откако со тело го покри Своето Божество, стана истовремено Бог и човек, двоен по природа. Затоа, Онаа што Го роди е наречена Богородица.
Свети Климент Охридски