За искушенијата
 
 
 
 
 

За искушенијата (06.12.2013)

Борбата против искушенијата не е толку тешка кога е присутна Божјата благодат. „Јас усмртувам и давам живот, Јас ранувам и исцелувам, и никој не може да се избави од Моите раце“ (Закони 32, 39). Кога тајно ќе пристапи мајчинската промисла на благодатта и кога таа му помага на подвижникот, сѐ е подносливо, зашто карањето е истовремено со утехата „нѐ кара за наша полза, за да заедничариме во Неговата светост“. Ова се случува кај природните искушенија, до кои доаѓа заради нашата природна слабост и немоќ или поради дејството на непријателот, или заради духовно усовршување на човекот. Сите овие искушенија се сметаат за природни, и тие се составен дел од човечкиот подвиг, за на тој начин неговата исповед да биде потполна. Во сите овие искушенија невидливо е присутна Божјата благодат која на таен начин го теши оној што се подвизува, и кој заради ова треба да биде храбар. Меѓутоа, таму каде што постојат неприродните искушенија, борбата е многу жестока и безнадежна, а недостасува и храброста, додека незнаењето го обесхрабрува подвижникот, сѐ додека не почне да ропта што воопшто се родил. Неприродните искушенија не доаѓаат само заради волјата на непријателот, зашто тој ја нема таа власт, туку се род на мрзливоста и гордоста. Негрижата кон должностите го води подвижникот кон оставеноста затоа што „знаеше, а не делуваше“. Тој паѓа во рацете на непријателот заради смирение, да сфати Кој го спасува и Кој му овозможи да ја познае благодатта, и дека тоа не се негови заслуги, затоа што „без Христос не можете ништо да направите“. Меѓутоа, искушенијата кои доаѓаат заради гордоста се најостри, зашто „Бог не ги сака гордите“. Оние кои ќе се најдат во ваква тешка состојба, имаат неопходна потреба од духовна помош на искусни Старци, за кои „нивните помисли не остануваат непознати“ и кои добро знаат како „да му помогнат на искушуваниот“ човек. Господи, Исусе Христе, заради утеха на оние кои се надеваат, ослободи нѐ од темината на ова и приближи ни Се со спасителната надеж.

Старец Јосиф Ватопедски