За стравот од Бога
 
 
 
 
 

За стравот од Бога (06.02.2014)

Стравот од Бога е резултат на духовното просветлување. Психологијата не може да ја објасни неговата природа. Во него, во тој страв, нема ништо заедничко со ставот кај животните. Постојат многу степени и облици, но ние ќе се задржиме само на еден од нив, најдејствениот за нашето спасение: „ужасот“ - преголемиот страв да се покажеш недостоен пред Бог Кој се открива во вечната Светлина (Мат. 37-38). Благодарение на овој свет страв луѓето се ослободуваат од секој останат земјен страв. Нашите Отци, смелите слуги на Духот, се оддалечувале во пустината и живееле помеѓу дивите ѕверови и змиите отровници, во условите на суровата природа и во таква крајна беда која мнозинството луѓе не може ниту да си ја замисли (а и денес постојат такви). И сето тоа заради слободата да му се предадат на плачот, свесни за својата оддалеченост од љубениот Бог. На сите не им е дадено да сфатат зошто духовните луѓе, откажувајќи се од сѐ од овој свет, плачат не помалку, туку дури и повеќе од мајките над горобовите на своите најсакани синови. Тие, отшелниците, плачат гледајќи ја темната бездна внатре во себе: длабоки се корените на злото и не можат да се искоренат со сопствените сили. За оние кои не ја знаат ваквата состојба на духот, сето ова е несфатливо. Оваа тајна е сокриена од затворените очи, не затоа што Бог ги дели луѓето, туку затоа што оваа благодат им е подарена само на оние што самите Му се доверуваат на Господ Христос. И оваа благодат е, исто така, дар на Божјата љубов, без која солзите нема да течат.

„Стравот од Бога е почеток на мудроста“ (Пс. 110, 10). Овој страв слегува над нас од горе. Тој е духовно чувство, пред сѐ за Бога, а потоа и за нас самите. Ние живееме во состојба на страв поради присуството на живиот Бог и поради сознанието за нашата валканост. Вака изгледа тој страв: тој нѐ поставува пред Божјото лице, пред Неговиот суд; а ние сме паднале толку ниско така што нашата грижа за нас самите станува длабоко страдање, потешка од маките кога ќе се видиме во темнината на незнаењето, парализирани од бесчувствителноста, во ропството на страстите. Овој страв е наше будење од вековниот грев. Тој ни ја донесува Светлината на познанито: од една страна на нашата погубна состојба, а од друга чувството за таа Божја Светлина. Прекрасна е природата на овој блажен страв: надвор од неговото очистувачко дејство не ни се открива патот кон совршената љубов, кон Бога, бидејќи Самиот Тој не е само почеток на мудроста, туку и љубов. Тој ја потресува нашата душа со тоа што ќе се видиме такви какви што сме, и нѐ повикува кон Бога, раѓајќи ја во нас силната желба да бидеме со Него. Стравот е проследен со вчудоневиденост пред Бог, Кој ни се открива. Гледајќи се како недостојни пред таквиот Бог, ете во тоа се содржи ужасот. Да се биде во таа вечна темнина, чија суштина ја гледаме благодарејќи на несоздадената Светлина, иако таа Светлина сѐ уште не ја гледаме – тоа во нас предизвикува мачна жед да се истргнеме од тешката прегратка на нашиот пад и да влеземе во сферата на несоздадената Светлина, кон светата Божја љубов. Само преку верата во Господ Христос го здобиваме вистинскиот критериум за реалноста на нематеријалниот и материјалниот свет. Но за тоа ни е неопходно од севкупноста на нашето битие, привремено и вечно, да градиме врз постојаниот камен на Христовите заповеди. Многумина одат во ракотворните храмови на молитвата, но навистина се малку таквите кои го наоѓаат „тесниот пат“ кој води во неракотворната небесна скинија (Мат. 7, 14).

Старец Софрониј Сахаров