Како да се бориме со помислите? (10.02.2014)
Се бориме со будноста и молитвата: „Господи Исусе Христе помилуј ме“. Свети Јован Синајски во својата книга „Лествица“ вели: „Исусовото име ги мачи нашите непријатели“. Нашите непријатели се нашите страсти, нашите грешни мисли, демоните. Не постои поефикасен начин од тоа молитвата да се изговара самопрекорно и со болка во срцето.
Ако забележите дека некоја помисла се задржува и покрај вашиот напор и молитвите, и дека не ви дава мир, тогаш е добро да ја исповедате. Исповедта всушност е послушност, бидејќи „Господ им дава благодат на покорените“. Срамот кој го чувствуваме пред нашиот духовен отец, преку исповедта на овие грешни мисли, ќе нѐ оправда пред Бога и Тој ќе нѐ ослободи од енергијата на оваа страст, овие грешни мисли.
Многу е добро да се негуваат добрите мисли, а да се презираат оние грешните, меѓутоа ова бара многу труд и грижа.
Омаловажувањето кое го покажуваме кон лошите мисли посеани од страна на ѓаволот ќе го смали него, ќе го зароби, тој ќе бега, бидејќи е арогантен и тој сака да се грижиме за него и да нѐ окупира, а не поднесува да го потценуваме.
Ако можете да практикувате ваквиот начин, тогаш тоа најбезболно, како што вели св. Порфириј Капосокаливиски. Бараме мир, радост и Христова љубов, а го запоставуваме нашето зло, нашите страсти, нашите грешни мисли. Да го свртиме своето лице, целото наше битие кон Христос и да го побараме Неговото лице, Неговата милост. Иако полека, без тоа да го забележиме, ќе бидеме осветени, а стариот човек кој нѐ оптеретуваше со своите желби и мисли ќе побегне, и ние ќе се облечеме во новиот човек „кој е создаден според Бога“ (Ефес. 4, 24).
Старец Ефрем Ватопедски