За вежбањето на умот (12.02.2014)
Надежта во Бога, а не во себе се непоходни за духовната борба, но се недоволни. Ако останеме само на нив, не само што нема да извојуваме победа, туку може да паднеме во уште поголемо зло. Затоа покрај нив мораме да ги користиме и другите духовни вежби.
На прво место е важбањето на умот и волјата. Пред сѐ, чувај го умот од незнаење, бидејќи тоа не му дава да ја види вистината. Потоа труди се умот да биде чист, односно точно да распознава што е потребно душата да се ослободи и да се украси со добродетелите. Таа чистота на умот можеш да ја постигнеш на два начина.
Првиот е молитвата Светиот Дух да ја излие Својата благодатна Светлина во срцето, а тоа Тој ќе го направи ако истото вистински го бараш од Бога, трудејќи се во сѐ да живееш според Неговата волја и ако заедно со сето тоа се потчинуваш на советите на искусниот духовен отец, не преземајќи ништо пред да го прашаш за совет.
Вториот е набљудувањето на работите и вдлабочувањето во нив поради оценувањето кои се добри, а кои лоши; но не во онаа смисла како што за нив суди твоето чувство и свест, туку како што суди Светиот Дух или зборовите од Светото Писмо, духовните отци и учителите на Црквата, вдахновени од Бога. А кога таа проценка ќе биде правилна, ќе ти стане јасно дека треба да го сметаш за ништо сето она што го сака и бара изопачениот и слеп свет. А тоа значи дека почестите, задоволствата и богатствата на овој свет не се ништо друго туку темнина и пропаст за душата; дека навредите и клеветите со кои нѐ опсипува светот ни ја донесуваат вистинската слава, а тагите на овој свет – радоста; дека простувањето на непријателите и правењето добри работи се вистинска великодушност – еден од најважните знаци дека човекот е сличен на Бога; дека поголема сила има човекот кој го презира светот од оној кој владее со целиот свет; дека доброволното послушание претставува поголема храброст и цврстина на духот отколку победата и владеењето над царевите; дека смиреното познание на своите лоши навики, дури и оние најнезначајните, е подостојно за пофалба, отколку заземањето тврдини, победувањето силни и наоружани армии, отколку правењето чуда и воскреснувањето мртви.
Свети Никодим Агиорит