Голема е тајната на побожноста (13.02.2014)
Црквата е беспочетна, бескрајна, вечна, како што е и нејзиниот Основач, Троичниот Бог, беспочетен, бескраен, вечен. Црквата е несоздадена, како што и Бог е несоздаден. Таа постоела пред сите векови, пред ангелите, пред создавањето на светот, „пред постанокот“, како што вели светиот апостол Павле. Таа е Божја институција и во неа „суштествува целата Божја полнота“ (Кол. 2, 9). Таа е тајна над тајните. Таа тајна е неоткриена, а ќе се открие „во последните времиња“ (1 Пет. 1, 20). Црквата останува непоколеблива затоа што е вкоренета во Божјата љубов и во Неговата голема промисла.
Вечната Црква ја сочинуваат трите Лица на Света Троица. Во мислите и љубовта на Троичниот Бог од искони постоеле ангелите и луѓето. Ние, луѓето, не сме се родиле сега: во Божјото сезнаење постоиме пред сите векови.
Божјата љубов нѐ создала според Божјиот лик. Нѐ направила дел од Црквата иако знаела за нашето богоотстапништво до кое требало да дојде. Ни дала сѐ за да нѐ направи богови по благодат и по дар. Меѓутоа, ние, злоупотребувајќи ја својата слобода, ја загубивме својата првобитна убавина и праведност, па отпаднавме од Црквата. Надвор од неа, далеку од Света Троица, го загубивме рајот, загубивме сѐ. Но, надвор од Црквата нема спасение, нема живот. Затоа, милосрдното срце на Бог Отецот не нѐ остави надвор Својата љубов. Бог повторно ни ги отвори дверите на рајот во последните времина и ни се јави во тело.
Во бескрајната Своја љубов повторно нѐ соедини со Својата Црква во Личноста на Христос. Влегувајќи во несоздадената Црква, Му приоѓаме на Христос, влегуваме во просторот на несоздадената Светлина. Со други зборови, и ние, верните христијани, повикани сме да станеме несоздадени по благодат, да станеме заедничари во Божјите енергии, да влеземе во тајната на Божјото, да го надминеме световниот начин на размислување, да го умртвиме стариот човек (Кол. 3, 9; Рим. 6, 6; Ефес. 4, 22) и да станеме обожени или вобожени. Кога живееме во Црквата, живееме со Христос. Ова се многу истенчени и богословски поими. Само Светиот Дух може да нѐ научи на сето ова.
Преподобен Порфириј Капсокаливиски