Тука се наоѓа конечната цел на човековиот подвиг (19.02.2014)
Ветувањето што ни е дадено во врска со светата Трпеза нас нѐ вселува во Христос, и Христос Го вселува во нас. Бидејќи вели: „Во Мене живее и Јас во него“ (Јован 6, 56). А кога Христос живее во нас, што уште ни треба, или кое богатство ни недостасува? И кога ние живееме во Него, што друго би посакале? Тој е и наш жител и наш дом, блажени сме поради таквиот дом, и блажени сме што му даваме дом на таквиот станар. Значи, кое богатство не го поседуваат оние што се наоѓаат во таква духовна состојба? Што заедничко има гревот со оние што достигнале до таква просветленост? Кој грев ќе ги надвладее толкавите богатства? Кое присутно зло би било во состојба да опстане, и кое отсутно би можело да пристапи кога Христос е толку целовит во нас, кога проникнува во целокупното наше битие и зазема сѐ што е во нас и околу нас? И така, опфаќајќи нѐ од сите страни, ги спречува стрелите што доаѓаат однадвор да се допрат до нас, бидејќи Тој е нашиот дом; а сѐ што внатре е нечисто, Тој го исфрла надвор, затоа што како негов жител го исполнува целиот дом. Навистина, не заедничариме во нешто што е Негово, туку во Него Самиот; и не примаме во своите души некакви зраци и светлина, туку го примаме самото Сонце; со тоа што се вселуваме во Него, Го вселуваме и Него во себе, со тоа што Го облекуваме со себе, се облекуваме и во Него, со тоа што се соединуваме со Него, стануваме еден дух. Затоа што, душата и телото, и сите сили веднаш стануваат духовни, бидејќи Неговата Душа се соединува со нашата, Неговото Тело со нашето, Неговата Крв со нашата. И што произлегува од ова? Она што е подобро и повозвишено, тоа преовладува над она што е пониско, а она што е Божјо, тоа преовладува над она што е човечко; односно се случува онака како што Павле вели за воскресението: „...дека Животот го проголтува она што е смртно“ (2 Кор. 5, 4), а потоа: „Живеам – не јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20).
О, колку се величествени Светите Тајни! Колку ли само е возвишено тоа што Христовиот ум се соединува со нашиот, тоа што Неговата волја се меша со нашата, Неговото Тело се нашето и Неговата Крв со нашата! Колку ќе биде возвишен нашиот ум кога со него ќе владее Божјиот, и каква ќе биде нашата волја кога со неа ќе владее Божјата, и какво ќе биде ова земно тело кога оној Божји оган ќе го обземе?! А дека токму тоа се случува, за тоа сведочи апостолот Павле говорејќи како да го нема сопствениот ум, ниту својата волја, ни својот живот, туку Христос му станал сѐ. Зашто вели: „Ние имаме Христов ум“; „Сакате да Го искушувате Христос, Кој говори во мене“; „Мислам дека и јас го имам Божјиот Дух“; „Копнеам за сите вас во љубовта на Исус Христос“. Значи, јасно е дека во Павле е едната заедничка волја со Христос, па врз основа на сето тоа, тој вели: „Не живеам повеќе јас, туку Христос живее во мене“. Толку е совршена оваа Света Тајна и толку е повозвишена од другите; и го доведува човекот до самиот врв на сите богатства, бидејќи тука се наоѓа конечната цел на човековиот подвиг. Затоа што, во оваа Света Тајна Го здобиваме Самиот Бог, и Тој во најсовршено единство се соединува со нас; а кое соединување би можело да биде поцелосно од тоа да станеме еден дух со Бога?
Свети Никола Кавасила