Поуки за молитвата
 
 
 
 
 

Поуки за молитвата (20.02.2014)

Со помош на молитвата преминуваме од една радост во друга; без молитвата, одиме од еден пад во друг, од страдање во страдање, и чувствуваме тешка грижа на совест. Накратко, со малку труд и болка во молитвата, здобиваме многу радосни таги (плач по Бога, плач кој донесува радост), умиление и солзи, заедно со сладоста од Божјото присуство и непорочниот страв од Него, кој ги чисти умот и срцето.

Да не се изморите од враќањето на својот ум секој пат кога ќе залута. Бог ќе ја види вашата ревност и вашиот труд, и ќе ја прати Својата благодат да го собере. Кога е присутна благодатта, сѐ се прави со радост и без напор.

Срцето мора да се очисти за умот да биде просветлен со чистите помисли кои од горе ќе се појават во него.

Оние што влегле во Божјото Царство не се непокајани, туку грешници кои се преобразиле со помош на покајанието и солзите. Ништо не му помага толку многу на човекот да се бори и да ги победи страстите колку непрестајната умна молитва.

Во моментите кога те искушува лукавиот, кој ги умртвува умот, јазикот и прстите на бројаницата, те молам да не се предаваш. Вложи мал напор, за Бога да ја види твојата решителност и да те укрепи. Бог сака нешто повеќе од тебе и Тој го допушта ова време на искушенија за ти да можеш тоа да го дадеш. Тој знае, како што и ти знаеш, дека можеш да дадеш повеќе.

Присилувај се што можеш повеќе во времето одредено за молитва, и изврши ја својата должност за да Го направиш Бог твој должник. Ако не дојде благодатта ќе се подготвиш да ја примиш следниот пат или набрзо по тоа. Во секој случај, порано или подоцна ќе ја примиш благодатта. Невозможно е да не дојде до тоа. Всушност, вообичаено е Бог повеќе да дава тогаш кога го одложува давањето.

Нивата на срцето ќе биде толку плодоносна колку што добро ќе биде изорана со молитвата, наводнувана со солзите и исплевена од корењата на помислите.

Оние што напреднале во молитвата имаат непоколебливо уверување дека, и покрај сите човекови напори, молитвата е дело на благодатта.

Св. Симеон Нов Богослов јасно кажува дека никој не е во состојба самиот од себе да Го прослави Бог, туку дека тоа е Христовата благодат, која се вселила во него, која Го прославува, Му славослови на Бога и се моли во човекот.

Богоносниот Симеон Нов Богослов вели: „Да ги очистиме своите срца за да Го пронајдеме сеприсутниот Господ во нас. Да ги очистиме со огнот на Неговата благодат за во себе да ја видиме Светлината на Неговата Божја слава“.

Старец Ефрем Филотејски и Аризонски