Ние живееме во времето на благодатта (22.02.2014)
Иако е зима, вчера имавме убав, сончев ден. Почувствувавме дека времето се разубавува, а денес повторно се смени, пак невреме. Не можеме да излеземе надвор, да ги сработиме нашите обврски. Мораме да почекаме оваа ситуација да помине; сите знаеме дека состојбата е привремена. Овој феномен на промени, исто така, се случува и во нашиот духовен живот. Промените и непостојаноста се последици на падот, по кој луѓето, за жал, го изгубиле својот идентитет и така станале подложни на промените, на полошо. Пред падот, во нив пребивала благодатта на Светиот Дух. Живееле во согласност со природата, живееле без потреби, како „господари на сѐ“, имајќи превласт над времето, просторот и нештата што ги опкружувале. Не биле подложни на промените, затоа што биле сеопфатни личности. Но, како што вели блаженоупокоениот отец Јустин Поповиќ, кога преку ѓаволот посакале да станат како Бог, не само што не успеале, туку и самите станале еден посебен вид ѓавол. Се случило нешто што не може да се искорени, и сега, луѓето немаат никаква сила над нивната личност. Сѐ што им преостанало била силата на разумот, со помош на која смислувале како да се ослободат од подивената состојба, настаната поради претрпените промени.
Во времето на благодатта, Исус нѐ учи како да го искорениме злото. Во времето на Мојсеевиот закон, секое семе, секој плод, секое владеење, кое било спротивно на законот, се казнувало. Ние живееме во времето на благодатта. Не чекаме да се случи злото, за да го спречиме... Како што веќе рековме, овие промени се како временските. Тие не се постојани, туку привремени. Луѓето не треба да стравуваат од нив. Да ги земеме како пример морнарите. Кога морето ќе стане како пекол, кога ќе настане бура, што прават тие? Се вкотвуваат во пристаништето и чекаат да помине невремето. А кога тоа ќе помине, се враќаат на стариот курс и бурата повеќе не ги интересира. И ние, исто така, не треба да се плашиме бидејќи имаме способност да се соочиме со промените. Со помош на нив, ѓаволот се обидува да нѐ заплаши, да ни го попречи патот. Но, бидејќи ние однапред знаеме дека промените се наметнати и минливи, не се вознемируваме. Како морнарите, ние го врзуваме бродот и чекаме, знаејќи дека невремето ќе помине, и дека ќе продолжиме понатаму.
Старец Јосиф Ватопедски