Оној што доволно се познава и осудува себеси, тој нема време да ги осудува другите
 
 
 
 
 

Оној што доволно се познава и осудува себеси, тој нема време да ги осудува другите (25.02.2014)

Не би имал смелост да му кажам на ближниот: сакам да ме сакаш, а сепак, ми се чини дека не би му ни рекол: не сакам да ме сакаш. Во тоа има нешто што одбива, нешто што отуѓува и што може на срцето на другиот човек да му нанесе тежок удар.

Полезно е да се знаат зборовите на критиката бидејќи тие се лек против гордоста и совет секогаш да бидеме внимателни.

Речиси и да нема потреба да го критикуваме човекот тргнувајќи од сопствената волја, единствено во случај кога тој самиот дава повод да му се каже вистината. Тешко е да се осудува зашто во тоа многу лесно се вмешува и самооправдувањето. Покрај тоа, осудувањето може да му нанесе непријатност на другиот, кој ја поднел таа осуда, и затоа најдобро би било да Му се помолиме на Бога Тој да го научи секој од нас да гледа на постапките на другиот со чисти очи, без осудување и без сомнеж.

Ако другиот човек не покажува желба за помирување, вие од своја страна покажете мир и не судете строго. Не треба да се изложувате на стрелите и нема ништо лошо да се употреби штитот тогаш кога другиот ве напаѓа.

Никогаш не треба да се влегува во кавги, а особено тогаш кога непријателот може да го наговори оној што е во право, ако не е во можност да го покаже тоа, својот противник да го победи со грубост и потсмев.

Праведно и полезно е мерата за трпението да ја полниме со водата на кроткоста и да ја излеваме врз огнот на љубомората, за тој полека да гори и да не се распламти и претвори во пожар кој е во состојба да излезе од контрола и да ги уништи ѕидовите на љубовта, схисходењето и смирението.

Мене ми се чини дека има малку непријатели, но многу од нив кои, поради недоразбирањето, погрешно ги разбираат другите луѓе и нивните постапки, па поради тоа стануваат недобронамерни.

На исмевањето пополезно е да се одговори со кроткост отколку со исмевање. Треба да се потсетиме на вистината дека нечистотојата не се отстранува со нечистотија, туку со вода.

Не треба да се плашиме од клевети, туку треба да бидеме внимателни кон нив. Невистините нѐ учат на внимателност, а вниманието прави тие да немаат моќ.

Зошто човекот се вознемирува со мачните размислувања за некоја безвредна непријатност? Зошто нашиот мир би требало да зависи од човековото размислување? Ако правилно сме постапиле, слава на Бога, човечкото размислување тоа не може да ни го одземе.

Би требало да ни е потешко да ги осудуваме луѓето, отколку мирно да гледаме на нив, како што гледаме на ветрот што ги нишка гранките на двјата, или реката што тече. Меѓутоа, очигледно е дека на човекот му е тешко без осудувањето. Што да се прави? Треба постепено да се учиме прво да се осудуваме самите себеси поради тоа што ги осудуваме ближните, потоа да се воздржуваме од зборовите на осуда тогаш кога помислата ќе нѐ поттикне на тоа, а потоа да ја запреме и самата помисла за осуда на другиот. Оној што доволно се познава и осудува себеси, тој нема време да ги осудува другите.

Свети Филарет Московски